Македонскиот кантавтор од Охрид, Александар Петрески, кој веќе неколку години живее и работи во германскиот град Нојс, деновиве на својата публика и ја претстави неговата нова песна насловена „Божиќен ден“.
– Песната ја снимив заедно со Тина Русева, талентирана млада пејачка од Струмица која случајно ја сретнав овде во Германија, бидејќи живее во моја близина. За време на новогодишните и божиќните празници ова детска мелодија, испеана од возрасни вокали, би сакал да биде мој подарок за сите слушатели. Сметам дека немаме доволно новодишна и божиќна музика на македонски јазик, па тоа беше и целта на оваа песна, а ова е мојот мал придонес во целата приказна – вели Петрески.
Според него, среќата станува двојна, кога ќе се подели.
– Јас ја поделив среќата со Тина и таа навистина стана двојна. Инаку, музиката за песната е стара оригинална идеја, која му ја свирев и пеев на син ми кога беше бебе, a ме инспирираше бајката за трите зајачиња. Токму во моментот кога бев на пат сам да ја довршам новата божиќна песна, случајно ја сретнав Тина Русева, која внесе волшепство во оваа мелодија со својот глас. Посакувам „Божиќен ден“ да се слуша и шири, како и позитивната божиќна енергија – вели тој.
Александар, освен што е автор на музиката, текстот и аранжманот, беше задолжен и за продукцијата и мастерингот, а го сними видеото за песната. М.Т.