Фото: ЦУК

Вкупно 2.145 повици се регистрирани на eдинствениот број за итни случаи 112 во последното деноноќие, соопшти Центарот за управување со кризи (ЦУК). Од нив за реална итна потреба биле 42,33 отсто, а 57,67 проценти биле за други потреби на граѓаните што не биле итни.

– Согласно генералната природа на настаните за коишто граѓаните се јавувале, кон Полиција биле упатени 56,14 оттсо, кон Итната медицинска помош 38,25 отсто, а кон пожарникарите 3,51 процент од реалните повици кон 112 во ЦУК. Повици за итни случаи на 112, што се за комбинирано решавање кон ЦУК, имало 2,11 отсто од реалните. Тие повици, заедно со другите („неитни повици“) 55,64 отсто – вкупно 1 243, биле предмет на примање и обработка во ЦУК, преку дежурните оперативци во Секторот Е-112, во содејство со Секторот за операции и координација, секако според стандардните оперативни процедури во координација со институциите во Системот за управување со кризи (СУК) – наведува ЦУК.

Во изминато новогодишно деноноќие имало пет пожари на отворено. Во урбаните средини пожари на објекти имало најмногу во Скопско, а во гевгелиското село Миравци имало и спасувачка акција за извлекување неподвижно лице при пожар на куќа.

– Во Скопје од 11 до 12.25 часот, со едно возило и тројца пожарникари интервенирале на запалена депонија на површина од 600 метри квадратни на стариот пат кон Арачиново во Општина Арачиново. Во период од 12.20 до 13.10 часот со две возила и пет пожарникари интервенирале на запалена напуштена куќа на површина од 10 метри квадратни на бул. „Св. Наум Охридски“ бр 45 во Општина Центар. Во периодот од 21.20 до 22 часот гаснеле запалена електрична инсталација во куќа на ул. „3“ во село Глумово, со две возила и пет пожарникари, во Општина Сарај. Во периодот од 22.35 до 23.15 часот со едно возило и тројца пожарникари гаснеле запалени гранки во нива на површина од 100 метри квадратни во село Бардовци во Општина Карпош. Од 22.35 до 23.05 часот гаснеле запалени кабли на бандера во село Грчец. Интервенцијата ја извршиле со едно возило и тројца пожарникари во Општина Сарај. Од 1.45 до 2.10 часот со едно возило и двајца пожарникари кога гаснеле запалена настрешница на Плоштад „Македонија“ во Општина Центар и БППЗ на Град Скопје имала уште една помала интервенција во градот. Пожарникарите од ТППЕ Прилеп од 12.45 до 13.45 часот, со двајца пожарникари и едно возило интервенирале на запалена ниска вегетација во село Мажучиште. Во период од 16.05 до 17.15 часот, со тројца пожарникари и едно возило интервенирале на запалена нискостеблеста вегетација во село Забрчани, Општина Долнени – информира ЦУК.

Од ТППЕ Радовиш од 13.35 до 14.45 часот, со двајца пожарникари и едно возило интервенирале на запалена сува трева и грмушки кај црквата во село Ораовица. Со пожарот била зафатена површина од 1 декар. Пожарникараите од ТППЕ Гевгелија во првите петнаесетина минути од привиот ден на Новата година, од 00.14 до 2.10 часот, со две противпожарни возила и седум пожарникари, имале интервенција за гаснење пожар со спасување неподвижно лице. Конкретно, интервенирале за гаснење пожар на запалена стара куќа на два ката на ул.„Маршал Тито“ во с.Миравци. Првиот кат од куќа бил напуштен, а во вториот кат живеела неподвижна стара жена, која била повредена, а по спасителното извлекување е преземена од Итна медицинска помош за понатаможно медицинско згрижување. ТППЕ Берово од 14.05 до 15.15 часот, со двајца пожарникари и едно возило интервенирале на запалена ниска вегетација во атар на село Црник.

Пожарникарите од ТППЕ Куманово од 15.28 до 13.44 часот, со пет пожарникари и едно возило имале техничка интервенција на сообраќајна незгода на ул. „Бајрам Шабани“.

ТППЕ Крива Паланка во текот на изминатото деноноќие имала една помала интервенција во градот, додека пожарникарите од ТППЕ Гостивар од 15 до 16 часот, со три пожарникари и едно возило интервенирале на запалено ѓубриште покрај патот кон „Стража“.