Компанијата „Еспер бионикс“ разви бионичка рака дизајнирана да им го олесни животот на луѓето без горни екстремитети. Тие ја претставија бионичката рака на годинешната конференција на ЦЕС, а таа може да фаќа и крева предмети, да ги користи, да отвора шишиња, но и многу повеќе.
Развиваме роботски протетски раце, како и софтверска платформа што ја подобрува контролата на роботските протези. Овие протези се контролирани од мускулни сензори лоцирани на површината на кожата и откриваат активирање на мускулите на подлактицата. Ние користиме мускулна активација како различни повици за акција насочени кон раката. Имаме шест корисници и уште 300 идни, а во моментов сме во затворена бета-верзија. Ја продаваме, но на затворена група корисници – изјави Дима Газда, основач на „Еспер бионикс“.
Посетителите на штандот на компанијата можеа детално да ја видат бионичката рака, која може да ја претставува иднината на протетиката. Оваа рака има способност да „учи“ и колку подолго се користи толку станува подобра.
Протетската рака доби одобрение минатото лето, а сега компанијата ја усовршува софтверската и хардверската интеграција пред да им ја понуди на клиентите.
Повеќето рачни протези немаат функција или имаат само една, така што производот на „Еспер бионикс“ може да направи голема разлика за милиони луѓе.