Француското издание на познатото списание „Вог“ се најде на удар на критики по објавувањето, кое, според реакциите на јавноста, го покажа неговото лицемерство. На нивниот профил на Инстаграм, „Вог“ споделија фотографија од манекенката Џули Фокс со марама, пофалувајќи го нејзиниот изглед, и покрај ограничувањата на религиозните превези во земјата. „Модниот израз“ на Џулија беше проследен со натпис „’да’ за марамите“, а набрзо под фотографијата пристигна лавина остри коментари, по што го сменија описот.
Обвинувајќи ги за лицемерство, корисниците се согласија дека ова е јасен пример за двојни стандарди, бидејќи додека муслиманките во оваа земја секојдневно се изложени на агресија и притисок поради марамата, немуслиманките можат слободно да се „изразат модерно“ на истиот начин.
Објавата дојде само неколку дена откако францускиот Сенат ја усвои забраната за спортистките да носат хиџаб, бидејќи, како што тврди десничарската партија Ле републикан, „марамите ги поткопуваат француските вредности и ја загрозуваат безбедноста на спортистите“.
Да за марамите, таа реченица звучи толку едноставно, но ние сепак се молиме, чекаме и фантазираме за тоа – изјави манекенката и активистка Ханан Хуачми.
Француско-мароканската моделка нагласи дека на хиџабот се гледа како на додаток што може да се носи како дел од тренд, но кога станува збор за религијата, француската влада го гледа како „терористичка униформа“.
Во еден од коментарите се истакнува дека со ова „Вог“ покажал „лицемерство во најдоброто издание“.
Не престанаа да доаѓаат коментари на овој непромислен, а можеби и провокативен потег, а некои и напишаа со што се соочуваат секојдневно.
Луѓето многупати се обидоа да ми го симнат хиџабот на улица. Тоа е многу нечовечно – напиша една млада муслиманка.
Инаку, во април 2011 година Франција стана првата земја во Европа што на јавни места забрани носење облека со која муслиманите покриваат одредени делови од телото.