Кинеската нова година, чија прослава е во тек, за жителите на оваа земја значи нов почеток, оставање на сѐ што е негативно во старата и привлекување нови желби и позитивни промени. За Кинезите овој празник е многу важен и му придаваат големо значење, а тоа подразбира и придржување кон обичаите и традицијата.
Прославата ќе трае од 1 до 15 февруари, а ќе заврши со празникот на лампионите. Инаку, Кинеската нова година ќе трае до 21 јануари 2023 година, бидејќи датумот секоја година се поместува, а е во знакот на воден тигар. Тоа значи дека водата како елемент ќе го ублажи и ќе донесе помека црта во карактерот на големиот тигар.
Тигарот симболизира сила, енергија и храброст. Токму затоа таа годинава ќе се честита со зборовите „ху ху шн цјау“, што значи: „да бидеме енергични и силни како тигар“.
Каде и да живеат или работат во државата, Кинезите за лунарната нова година се враќаат дома.

Празнична трпеза

Пред самиот пречек, многу е важно семејството да се собере, бидејќи тоа е семеен празник, како што е Божиќ, па затоа деновиве во оваа голема земја се случуваат големи миграции. Една четвртина од населението патува за да ја дочека новата година со најблиските.
Спроти празникот, се чисти куќата и се проветруваат просториите, за да влезе новата среќа. Меѓутоа, централниот дел од обичајот е трпезата, која се приготвува пред почетокот на новата година.
Важно е на масата да има пилешко и риба, но сѐ да биде цело, зашто тоа е симболот на заедништвото. На север на Кина за празникот јадат кнедли со различен фил, кои со својот облик потсетуваат на златна прачка од дамнешни времиња, што е симбол за благосостојба. На трпезата треба да има и „среќни“ плодови, односно симболично овошје: портокалите симболизираат злато, грозјето добивка, ананасот бескраен просперитет, а лимонот заштита од негативни вибрации. На масата треба да се стави чинија со осум вида грицки, најчесто кикиритки, ореви, бадеми и суво овошје.
Исто така, куќата треба да биде накитена, да доминира црвената боја, која е симбол на среќата.

Годинава ќе биде динамична и променлива

Кинескиот хороскоп има 12 знаци, а прв е стаорецот, кому му се припишува голема досетливост, а тука се и змејот, змијата, коњот, козата, мајмунот, петелот, свињата, кучето, биволот, тигарот и зајакот.
Тигарот се смета за агресивно животно, а водниот тигар значи дека водата ќе го ублажи тој елемент и се предвидува дека годинава ќе биде нестабилна, но динамична и со важни промени. Исто така, амбициите на луѓето ќе бидат поголеми, како и иницијативноста и досетливоста.
Во 2010 година тигарот беше метален и тогаш новата година почна на 3 февруари, а претходната Кинеска нова година почна на 12 февруари и беше во знакот на бивол.

Обичаи и традиција

Според традицијата, иако претходно се чисти куќата и се фрлаат непотребните предмети, кои заземаат простор и црпат енергија, на самиот празник ништо не се чисти и не се брише, бидејќи се верува дека така ќе се измете и среќата. Украсите годинава се со знакот на тигар и во зборот „фу“, што значи среќа.
Според верувањата, во источниот дел на домот треба да се стави некоја билка што привлекува пари, а во стаклен сад треба да се стават монети и да се остават во тој агол. Обичај е на полноќ да се прави знаме од желби, на правоаголна хартија да се напишат девет желби за новата година и листот да се закачи на дрво во дворот или на тераса. Се верува дека колку побрзо ветерот го однесе знамето кон небото, толку побрзо ќе се остварат.
Исто така секој дом треба да има цвеќе што цвета. Најчесто тоа е бамбус – билка што означува флексибилност, напредок и рамнотежа. Исто така, со палење темјан, жалфија и шафран со звуци на тибетско ѕвоно се верува дека се чисти домот од негативната енергија.