„Мет гала“ е дефинитивно најочекуваниот моден настан на годината, кој собира многу светски ѕвезди на скалите на музејот „Метрополитен“ во Њујорк.
Секоја година, „Мет гала“, со Ана Винтур како претседателка на организацијата, претставува интересна тема, која носи раскошна презентација на модната историја.
За 2024 година, темата е „Заспани убавици: повторно будење на модата“. Изложбата ќе биде посветена на „заспани“ парчиња, односно заборавени креации и кревки облеки создадени во последните 400 години.
Институтот објави дека изложбата ќе опфати предмети како корсети од 17 век и англиската елизабетанска ера, балска тоалета од Чарлс Фредерик Ворт, потоа познати креации на Кристијан Диор (вечерните фустани „Џунон“ и „Венера“) и иконската креација – фустанот „Ојстер“ на Александар Меквин.
За потсетување, темата на „Мет гала 2023“ беше посветена на починатиот моден гигант Карл Лагерфелд.