Деновиве излезе од печат третата книга на Мира Илијоска со работен наслов „Жуборливи поточиња“. Се работи за збирка поезија наменета за учениците од основните училишта. Оваа книга содржи 91 песна, а учениците од кичевските основни училишта ќе имаат можност да се запознаат со овој книжевен труд во текот на второто полугодие, кога авторката најави дека ќе ги посети локалните училишта.
– Жуборливи поточиња е мојата трета книга откако претходно во 1999 година ја издадов првата прозна книга со наслов „Патување низ спомените“, во која доминантно беа застапени патописни репортажи и мои лични импресии од овие патувања. Втората книга ја издадов во 2018 година, со наслов „Мојот чекор“, стихозбирка во која се застапени родољубиви песни, песни за семејството, за моите деца и за моето чекорење низ времето – истакна авторката Илијоска.
Таа вели дека инспирација за нејзината трета книга ѝ биле децата, кои се наша најголема радост и смислата на нашето постоење.
– Тие се како жуборливи поточиња, играат, пеат и се смеат. За да ја доближам оваа книга до учениците од локалните училишта, ќе ги посетам во второ полугодие, каде што во детали ќе ги запознаам со песничките од мојот најнов труд – додаде авторката.
И како што сама посочи, посетата на училиштата ќе биде наедно и најдобра промоција на овој книжевен труд. З.А.