Вил Смит по инцидентот/Фото: Принт-скрин

Годинашната церемонија на „Оскарите“ имаше хаотичен тек од почетокот, но ништо во досегашниот тек на 94-годишната историја на доделувањето на престижните филмски награди, не можеше да ги подготви гледачите на телевизискиот пренос за инцидентот што се случи за време на доделувањето на статуетката за најдобар документарен филм, пишува „Атлантик“.

Крис Рок кој требаше да го соопшти победникот, направи невкусна шега на сметка на сопругата на Вил Смит, Џејда Пинкет Смит, која страда од алопеција. Потоа Смит се качи на сцената и му удри шлаканица на рок, извикувајќи му „да не ја спомнува неговата сопруга“, пред да се врати на своето место. Ваквата размена, без претерување, беше најшокантниот момент во историјата на „Оскарите“, смета американскиот магазин.

Многумина сметаа дека се работи за однапред планиран потег и исцениран инцидент чија цел е привлекување внимание, но американските медиуми тврдат дека не станува збор за трик.

А чуден беше и обидот за враќање на церемонијата во нормала по шлаканицата која ја направи тензична атмосферата во театарот „Долби“.

Вил Смит потоа упати извинување до Академијата и до останатите номинирани актери, откако добил совет од колегите Дензел Вашинтон и Тајлер Пери, наведува „Холивуд репортер“. Смит наводно се консултирал и со неговиот пиар за време на рекламната пауза по инцидентот, како што пренесува „Вараети“. Крис Рок не даде јавен коментар шлаканицата.

– За овој момент со сигурност ќе се дискутира со години, во контекст на историјата на „оскарите“ и на кариерата на Смит, односно за неговата реакција на вечерта која требаше да претставува врв на неговата кариера, откако го доби „оскарот“ за најдобар актер за улогата во „Кралот Ричард“. По една година во која „Оскарите“ осмислуваа трикови за привлекување на гледачите, церемонијата ќе биде дефинирана од моментот што никој не го испланира – заклучува „Атлантик“.