Зборовите на американскиот претседател предизвикаа бура од реакции

Откако ги посети украинските бегалци во Варшава, во рамките на својата европска турнеја, американскиот претседател Џозеф Бајден даде изјава со која предизвика спротивставени реакции во Москва, но и во Вашингтон. Кога новинарите што патуваа со него го прашаа што мисли по средбата со бегалците, бидејќи секој ден се соочува со последиците од одлуките на рускиот претседател Владимир Путин, Бајден одговори: „Тој е џелат. Овој човек не може да остане на власт“, ​​изјави Бајден за Путин во последните моменти од неговиот говор во Варшава.
Токму овие негови зборови беа повод да се крене вистинска бура од реакции од двете страни на Атлантикот. Аналитичарите уште веднаш забележаа дека со нив претседателот на САД првпат официјално повикал на промена на режимот во Русија.
Веднаш по говорот на Бајден пристигна официјално толкување од Белата куќа, во кое се наведува дека американскиот лидер не повикал на промена на режимот во Москва кога рекол дека претседателот на таа земја не може да остане на власт.
Претседателот сметаше дека не треба да му се дозволи на Путин да има моќ над своите соседи или регионот. Тој не зборуваше за владеењето на Путин во Русија или за промената на режимот – рече претставникот на Белата куќа.
Би-би-си во анализата наведува дека ова е јасен обид да се повлечат зборовите на Бајден. Директен повик за промена на режимот во Москва, како што оценува Вашингтон, може да предизвика нестабилност и да ја зголеми непредвидливоста, наведува Би-би-си.

Песков: Русите избираат кој ќе биде нивниот лидер

Реакција пристигна и од официјална Москва. Портпаролот на Кремљ Дмитриј Песков, ја отфрли забелешката на американскиот претседател Џозеф Бајден дека Владимир Путин „не може да остане на власт“, ​​велејќи дека Русите избираат кој ќе биде нивен лидер.
Запрашан да ја коментира изјавата на Бајден, Песков изјави за Ројтерс: „Не е на Бајден да одлучува. Претседателот на Русија го избираат Русите“.
Песков за ТАСС изјави дека личните навреди на Бајден кон Путин ги намалуваат шансите за подобрување на односите меѓу Москва и Вашингтон.
Се разбира, секогаш кога ваквите лични навреди го стеснуваат просторот за подобрување на билатералните односи со актуелната администрација, човек треба да биде свесен за тоа – рече тој.
Портпаролот додаде дека е изненаден што Бајден, кој повикуваше на бомбардирање на Сојузна Република Југославија во 1999 година, искажал вакви навреди.
Тој е човек што еднаш додека зборуваше на телевизија во неговата земја бараше да се бомбардира Југославија. Тој бараше да се убиваат луѓе – рече Песков.
Следуваше ново смирувачко толкување на изјавата на Бајден, овој пат од страна на американскиот министер за надворешни работи Ентони Блинкен. Шефот на американската дипломатија се обиде да ја смири ситуацијата со зборовите дека „Америка нема стратегија за промена на режимот во Москва“.
Блинкен беше замолен од новинарите да ја коментира изјавата на американскиот претседател Џо Бајден, кој рече дека рускиот претседател Владимир Путин „не може да остане на власт“.
Мислам дека претседателот, како што објасни синоќа Белата куќа, рече дека Путин не може да има овластување да започне војна или агресија против Украина или некој друг. Како што знаете, ние многупати кажавме дека Америка нема стратегија за промена на режимот во Москва или на кое било друго место – рече Блинкен.

Ова немаше да се случи ако јас бев претседател, вели Трамп

Но немаа сите Американци разбирање за зборовите на нивниот претседател. Поранешниот американски претседател Доналд Трамп го критикуваше сегашниот Џозеф Бајден, велејќи дека „во 15-те месеци откако стана претседател, направил толку штета колку што не направиле колективно петте најлоши американски претседатели“.
Помина повеќе од една година, за тоа време успеа да го убие, буквално да го убие американскиот сон. Но не губете надеж, бидејќи со вистинските лидери, Америка ќе се врати, ќе биде посилна, посилна од кој било и кога било. Имаме претседател кој не знае што прави, нема поим каде е. Во медиумите се појавуваат лажни вести, велат дека тој одлично си ја врши работата…, а Украина е бомбардирана до темел – рече Трамп на состанок во американската држава Џорџија.
Тој притоа потенцира дека рускиот напад врз Украина никогаш немало да се случи доколку тој бил претседател.
Но не беше само Трамп што во САД го критикуваше говорот на Бајден. Со остри критики во јавноста се огласи и ветеранот на американската дипломатија Ричард Хас.
Изјавата на Бајден ја направи тешката ситуација уште потешка, а опасната уште поопасна – напиша Хас на Твитер.
Хас е претседател на Советот за надворешни односи на САД.
Тоа е очигледно. Она што е помалку очигледно е како да се отстрани штетата. Предлагам главните соработници на претседателот да контактираат со нивните колеги во Русија и да им дадат до знаење дека Америка е подготвена да преговара со оваа руска влада – напиша Хас.
Тој ја коментираше и интервенцијата на Белата куќа, која веднаш по говорот на Бајден во Варшава соопшти дека „претседателот не повикал на промена на режимот во Москва“.
Реакцијата на Белата куќа на изјавата на претседателот за промена на режимот веројатно нема да помине. Путин ќе го сфати тоа како потврда на сето она во што веруваше сето ова време – додава Хас.

Подготвил: Марјан Велевски