Најпрво голема благодарност до организаторите, но и до домаќините – МКЦ, за организацијата на концертoт на „Култур шок“, кој се одржа деновиве. И не само за овој концерт туку и за една цела серија бендови што продефилираа во последниот период низ Младинскиот културен центар. А станува збор за нискобуџетни, алтернативни, инди, самиздат, нискоетаблирани бендови со различни музички стилови, но солидна репутација, кои доаѓаат од секаде од светот (Јапонија, Северна Кореја, Русија….)
Ветераните на џипси-панк звукот „Култур шок“ се враќаат во Македонија по четири години пауза. Американскиот бенд со балкански корени ќе одржи концерт во Младинскиот културен центар во Скопје на 4 април, во рамките на турнејата насловена „Без носталгија“. Формиран во Сиетл, во 1996 година, од Босанецот Срѓан Јевѓевиќ-Џино, „Култур шок“ комбинира рок, метал и панк со традиционалната музика од овие простори. Досега има објавено шест студиски албуми, а за оваа година се најавува ново издание. Во Скопје доаѓа со шестчлена постава, во која има музичари по потекло од САД, Бугарија, Индонезија и Грција.
Концертот започна околу 21.30 часот, пред околу 150 посетители. Нивниот звук е мешавина од балкански ритми и гранџ, рок, метал, џипси-стил, а како таков е доста интересен за подрачјата што се надвор од Балканот, затоа што претставува новина. Кај нас на Балканот сличен стил на музика постои одамна и поради тоа „Култур шок“ нема многу обожаватели на овој пазар, иако некои од песните му се и на српскохрватски јазик. Во секој случај, тие приредија добра забава од околу 90 минути, покажувајќи дека имаат големо концертно искуство, дека се добри познавачи на нивните инструменти, а виолината и трубата им даваат одредена заднина, со која може да влегуваат и излегуваат од еден во друг музички стил. И да дојде повторно, без да издаде нов материјал, „Култур шок“ повторно ќе има публика кај нас (мала, ама избрана), која ќе го слуша. Се надевам дека МКЦ и понатаму ќе продолжи да носи бендови што се далеку од светските мејнстрим-струења.