Од печат излезе петтото издание на „Резервен живот“ од Лидија Димковска, еден од најуспешните и најпреведувани романи во македонската книжевност.
По објавувањето во 2012 година, веќе следната година романот ги добива наградата „Стале Попов“ на ДПМ и Европската награда за литература на ЕУ, по што романот е преведен на 11 јазици; англиски, германски, италијански, унгарски, чешки, романски, албански, бугарски, словенечки, хрватски и српски.
Романот, со гостување на авторката, е претставен во повеќе градови во САД, како и во Европа, и добива одлични рецензии и убав прием од читателите.
Славната хрватска писателка Дубравка Угрешиќ напиша за романот: „Лидија Димковска го збогатува современиот музеј на книжевни чуда со силни, впечатливи, гротескни, ексцентрични детали и епизоди раскажани во старата добра традиција на романот“.
И според српскиот писател и книжевен критичар Ненад Шапоња, „Резервен живот“ спаѓа во најдобрите романи напишани не само во Македонија туку и на просторите на цела поранешна Југославија во 21 век.
Лидија Димковска (1971, Скопје) е поетеса, романсиерка и преведувачка од романски и словенечки на македонски јазик. Таа има објавено седум поетски збирки и има добиено многу признанија и награди. Нејзините книги биле номинирани и за американската награда „Најдобра книга во превод“, како за поезија така и за проза, за германската „Берлински мост“, за полската „Европски поет на слободата“ и за меѓународната „Балканика“. Димковска уредила четири антологии и учествувала на голем број меѓународни книжевни средби, читања и резиденции низ светот.