Годинашната гитарска програма на фестивалот „Егзит“ влезе во финалната фаза со објавувањето на новите изведувачи. На претходно најавените, главниот изведувач Ник Кејв и неговите „Бед Сидс“ и силните имиња како што се „Сепултура“, „Напалм Дет“, „Молчат Дома“, Марки Рамон и „Блајнд Ченел“ им се придружуваат уште 11 нови бендови, кои ги предводат неуништливите панк-легенди „Експлоитед“.
Гитарскиот звук отсекогаш бил еден од најомилените на Петроварадинската тврдина, со епски настапи на музичките великани, како што се „Кјур“, „Килерс“, „Секс Пистолс“ или „Ганс енд роузес“. „Рок ет Егзит“, таа гласна и дисторзирана страна на фестивалот ќе одекнува и ова лето, од 7 до 10 јули на главната бина, на „Фјужн“, и во епицентарот на жестокиот звук на тврдината – бината „Експлозив“.
„Експлозив“ во длабоките ровови на тврдината и ова лето ќе ги дочека сите љубители на хардкор, метал и панк-музиката, со речиси 30 музички имиња. На чело на програмата на култната екстремна бина се наоѓаат исто така култните шкотски панкери „Ди Експлоитед“. Овие легенди, кои и понатаму непоколебливо владеат на сцената, во изминатите децении музички влијаеја на голем број бендови, меѓу кои се „Металика“, „Слејер“, „Антракс“, „Нирвана“, „Квинс ов д Стоун Ејџ“, но и „Дисчарџ“, кој оваа година исто така ќе настапи на „Експлозив“! Творештвото на „Експлоитед“ покрива различни поджанрови од панк-рок и треш-метал до хардкор и стрит-панк и важат за еден од најзначајните бендови во изминатите четири децении.