Фото: Пиксабеј

Додека многумина стравуваат од насоката во која ќе се развива вештачката интелигенција, група истражувачи од САД создадоа хибриден биокомпјутер што ги комбинира човечкиот мозок и компјутерските кола. Во превод, тие успеаја да направат таков компјутер што ги користи и моќта на мозокот и моќта на класичниот компјутерски опсег.
Тие го опишаа својот успех во научен труд објавен во списанието „Нејчр електроникс“, во кој посочуваат дека оваа технологија еден ден би можела да се интегрира во системите за вештачка интелигенција (ВИ) или да формира основа за подобрени модели на мозокот во невронаучните истражувања.

Коавторот на студијата Фенг Гуо, биоинженер од Универзитетот во Индијана, објасни како го нарекле системот Бреиновер. Системот вклучува мозочни органоиди, снопови човечки клетки што имитираат ткиво, кои вообичаено се користат во истражувања. Органоидите се направени од матични клетки, кои се трансформирани во неврони, слични на оние што се наоѓаат во нашиот мозок.
– И вештачката интелигенција и мозокот се потпираат на пренесување сигнали околу мрежа од меѓусебно поврзани јазли, познати како невронска мрежа. Сакавме да видиме дали можеме да ја користиме биолошката невронска мрежа во мозочниот органоид за пресметување – објасни Гуо.

За да го направат системот Бреиновер, истражувачите поставија еден органоид на плоча што содржи илјадници електроди за поврзување на мозокот со електричните кола. Тие потоа ги преведуваат информациите што сакаат да ги внесат во електрични импулси што ги испраќаат до органоидот. Сензорот ја снима реакцијата на мозочното ткиво и се „декодира“ со помош на алгоритам за машинско учење, кој може да ги идентификува информациите на кои се однесува.
За да ги тестира можностите на Бреиновер, тимот ја искористи оваа техника за препознавање глас со тренирање на системот на 240 снимки од говорот на осум луѓе, преведувајќи го звукот во електричен пулс за да се достави до органоидот. Мини-мозокот реагираше различно на секој глас, генерирајќи различен модел на нервна активност. Вештачката интелигенција научи да ги толкува овие одговори за да го идентификува говорникот. По обуката, системот можеше да идентификува гласови со 78 проценти точност.

Како што истакнуваат истражувачите, студијата потврдува некои клучни идеи, кои на крајот би можеле да овозможат создавање вистински биолошки компјутер. Претходните експерименти покажаа дека само дводимензионални култури на невронски клетки можат да вршат слични задачи, но ова е првпат да се демонстрира во тридимензионален мозочен органоид.