Европски денови на културното наследство во Штип

Факултетот за туризам и бизнис-логистика при Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип, утре ќе биде домаќин на првата национална конференција насловена „Културното наследство меѓу идентитетот и туризмот“, во рамките на одбележувањето на Европските денови на културното наследство во Штип. Овој настан е дел од националното чествување на Европските денови на културното наследство, а се одржува по повод 22 март и првото македонско нематеријално културно наследство, штипскиот ритуал Четрсе, поврзан со верскиот празник Свети 40 маченици, впишано на репрезентативната листа на светското нематеријално културно наследство на УНЕСКО.
Конференцијата ќе се одвива во три сесии: Потенцијалите на културниот туризам, Промоција на културното наследство и Културното наследство и идентитетот, а како учесници се пријавени врвни домашни експерти од овие области. Во рамките на конференцијата е предвидена и богата изложба на книги од областа на културното наследство. К.Р.