Во здраво тело здрав дух

На неодамна одржаното Државно првенство за деца и кадети во џудо, прилепските млади џудисти од клубот Пролетер освоија дури петнаесет медали.
Шест златни медали отидоа во рацете на Ведран Цветкоски, Матеј Костоски, Лука Спиркоски, Владимир Милчиноски, Нина Николоска и Галина Нешоска.
Успехот им се посребри на Илија Јошески, Петар Насески, Стефан Николоски, Анастасија Здравеска и Калина Мицеска, а бронза освоија Алексеј Ѓорески, Стефан Јосифоски, Димитри Џокоски и Валентина Вашареска.
Ова е уште еден голем успех на овој клуб на Државното првенство, кое негува традиција на одржување од осамостојувањето на Македонија, а годинава учествуваа над 150 учесници.
Марко Димитриоски, пак, член на овој клуб, викендов се врати од Ниш, Србија, каде што учествуваше на 23. меѓународен турнир „Ненад Цветковиќ-Цвеле“ и го освои третото место.
Џудо-клубот Пролетер од Прилеп постои веќе 45 години, моментално има двајца тренери, но во тренингот се вклучени и родители волонтери.