Традиционалното производство на здрава храна во Македонија не треба да замре / Фото: „Нова Македонија“

Според земјоделските експерти, состојбата во аграрот е очајна и мора неселективно да се пристапи кон проблемот и да се бара решение за секој сегмент одделно. Нашата земја никако не смее да дозволи да го изгуби традиционалното производство на храна и да остане обична суровинска основа што ќе ја користат други

Потребен е плански и долгорочен развој, системски поддржан, во насока на производство на природна храна со висока конкурентност

Околу две децении македонското земјоделство се соочува со огромен број предизвици. Иселувањето, недостигот од млади земјоделци, скапите материјали, недостигот од доследна стратегија за поддршка на земјоделството се дел од причините поради кои во континуитет се намалуваат земјоделските површини што се обработуваат во Македонија, па поради тоа се зголемува увозот на земјоделски производи. Нашата земја никако не смее да дозволи да го изгуби традиционалното производство на храна и да остане обична суровинска основа што ќе ја користат други.

Свое семе, свое традиционално производство на земјоделски производи…

Според земјоделските експерти, состојбата во аграрот е очајна и мора неселективно да се пристапи кон проблемот и да се бара решение за секој сегмент одделно. Тој укажува дека Владата треба внимателно да се посвети на аграрната политика и заедно со средствата што се предвидени од ИПАРД-фондовите да изработи издржана студија, во која би учествувале домашни експерти од областа и чија цел ќе биде да се посочат предностите на одредени региони и какви култури во истите тие треба да се одгледуваат.
– Македонија, конкретно научните институции од областа на земјоделството веќе подолг период (негде од средината на 1990-тите) не се занимаваат со селекциска работа. Со исклучок на семето од тутун чии сорти 100 отсто се креација и се размножуваат во Институтот за тутун во Прилеп и дел од житните култури чии селекциски програми се дел на една-две приватни компании, преостанатиот материјал за размножување на сите комерцијални земјоделски култури е од увоз. Дали е ова во ред? Не сакам да звучам погрешно, но со големината на земјоделските површини како што ги има во Македонија, мислам дека работењето на полето на селекција, која е исклучително скапа дејност, затоа што бара огромни тимови, голем број човечки и материјални ресурси, е непотребно. Пазарот на семе во светски рамки го контролираат пет-шест компании и во таа „борба“ секогаш ќе бидеме губитници затоа што произведуваат по највисоки технологии и поевтино – објаснува Зоран Димов, професор на Факултетот за земјоделски науки и храна.
Како што вели тој, можеби на нашиот земјоделец од многу поголема помош би му било (врз основани научни испитувања) да знае која сорта е попогодна за конкретен локалитет, што треба да примени за зголемен принос.
Во однос на прашањето зошто материјалот за размножување е поскап, Димов посочува дека генерално цената на сите инпути во земјоделството е зголемена, што се рефлектира и при производството на семе.
– Врз зголемувањето на цените влијаат и компаниите што увезуваат и продаваат семенски материјал со своите маржи, кои работат по свои трговски правила – додава професорот.
Цените и на храната и на семенските материјали се во пораст, вели тој, а тоа е голем предизвик за Македонија и за граѓаните, што може да доведе до недостиг од храна.

Државата има идеални климатско-почвени услови за земјоделско производство!

– Прво, мислам дека треба пореално да ги согледуваме работите со она постојано повторување дека државата има идеални климатско-почвени услови за земјоделско производство. Реално, немаме ништо поповолни од земјите во регионот, па и пошироко. Второ, кога како држава сме потписник на голем број договори, ги користиме предностите, но ги прифаќаме ризиците што ги носат тие договори, конкретно што се однесува на делот со трговија на земјоделски производи. Оттука, ќе има домати од Турција и Албанија, грав од Казахстан, леќа од Иран. Неспорно е дека може да се заштити домашното производство (царински оданочувања), но принципот да се продаде прво нашето, па да се увезува веќе одамна е напуштен и се коси со пазарната логика. Во принцип, кога станува збор за стратегиските земјоделски култури – пченица, сончоглед, шеќерна репка, пченка, Македонија е делумно или целосно увозно ориентирана. Како пример, сончоглед (семе, масло) увезуваме повеќе од 80 отсто, шеќер 100 отсто, пченица 20-25 отсто. Тука реално би морало да се бараат поместувања во насока тој увоз што повеќе да се намали, исклучиво преку зголемено производство и поголем принос од единица површина!!! Во некој скор период не верувам дека тоа ќе се промени – смета Димов.

Проблемот со недостиг од храна е глобален, но најдобро да почнеме да си го решаваме – локално

Кога станува збор дали ќе има дефицит на храна, тој вели дека можеби пореално е прашањето да се разгледува глобално. Според проекциите на ФАО и ОН, од постојните речиси седум милијарди население, предвидувањата се дека до 2050 тој број ќе достигне девет милијарди.
– Оттука во наредните 20 години приносите мора да се зголемат за 50 отсто. Предизвиците од типот на климатски промени, ерозија на почвата и дефицитот од вода секако ќе имаат огромни влијанија. Храна ќе има, но повторно и повторно истата таа ќе биде нерамномерно распоредена по континенти и земји во светот. Страшната поделба на светската популација на третина што има изобилство и две третини што немаат доволно храна или гладуваат е проблем со кој човештвото постојано се соочува и бара решенија – истакнува Димов.
Во однос на тоа какви стратегии и политики се потребни, Драги Димитриевски, професор на Факултетот за земјоделски науки и храна истакнува дека нема брзи решенија и потребно е да се запрат негативните тенденции и да се најде најадекватниот модел за македонското земјоделство.
– Потребни се сериозни промени во организациската структура на земјоделските стопанства и изградба на нова структура на земјоделски стопанства, кои ќе донесат интензивни вложувања во иновативни технологии и технички средства, како во примарното производство така и вертикално во целиот синџир сѐ до трпезата и ќе бидат способни да им конкурираат на постојните, но и да најдат нови пазари. Имаме големи површини напуштено земјиште што треба да го ставиме во функција и да им го понудиме на ваков тип компании – посочува Димитриевски.