Минатата недела принцот Вилијам присуствуваше на доделувањето на наградите за наука во Лондон, кои се доделуваат во чест на неговата покојна мајка, принцезата Дијана, а неговото појавување на церемонијата беше проследено со големо внимание. Ова беше прво јавно појавување на британскиот престолонаследник по скандалот на Кејт Мидлтон со фотошопираната фотографија за Денот на мајката.
Првото нешто што им паднало в очи на корисниците на социјалните мрежи е тоа што тој не носел бурма, поради што набрзо започна нов бран гласини за развод. Рацете на Вилијам без венчален прстен ги инспирираа теоретичарите на заговори и поттикнаа нови неосновани идеи за неговата врска со Кејт Мидлтон.
Инаку, на семејната фотографија на Кејт и децата, која предизвика неверојатна бура во јавноста, принцезата од Велс не го носи ниту венчалниот ниту свршеничкиот прстен, иако во минатото речиси секогаш ги носеше. Фактот дека ниту принцот ниту принцезата од Велс не ги носат венчалните прстени во моменти на криза што ја тресе монархијата, придонесе за жарот на бизарни теории за тоа што се случува меѓу Кејт и Вилијам.
– Кејт го извади венчалниот прстен затоа што ѝ е прекуглава од драмата околу нејзиниот брак и ѝ здодеаја гласините за аферата на Вилијам со Роуз – изјави неименуван извор за „Ин тач“.
Но, и покрај дополнителните шпекулации, вистината е многу поедноставна, принцот Вилијам едноставно не сака накит и одлуката да не го носи венчалниот прстен не е нова. Всушност, тоа се знаеше уште пред неговата венчавка со Кејт во 2011 година, бидејќи палатата еден месец пред тоа потврди дека принцот нема да го носи прстенот ниту во Вестминстерската опатија. Инсајдер од палатата тогаш објасни дека Вилијам никогаш не сакал да носи накит.
– Тој не е маж што сака накит. Никогаш не носел ниту едно парче накит. Реши дека ни сега не сака да ја носи бурмата. Сѐ зависи од личниот избор и вкус – рекол неименуваниот избор.
За разлика од Вилијам, венчалниот прстен на Кејт Мидлтон има значителна сентиментална вредност. Изработен е од злато од Велс, кое е во сопственост на кралското семејство, а златото ѝ го подарила лично кралицата Елизабета Втора по нивната свршувачка. Венчалниот прстен го дизајнираа Кејт и Вилијам заедно. Кејт исто така понекогаш го носи и свршеничкиот прстен од сафир и дијамант, кој порано ѝ припаѓал на принцезата Дијана.