Фото: Зоран Антоски

Таленти

Младиот Лука Лазарески, ученик во седмо одделение во ОУ „Д-р Владимир Полежиноски“ во Кичево, пред четири години почна да покажува интерес за пијаното и тоа беше причина активно да почне да свири на овој инструмент. Како што вели, најголемиот виновник за неговата љубов кон музиката е неговиот брат Марко Лазарески, ученик во музичкото училиште во Битола, каде што ги изучува тајните на гитарата.
Лука секојдневно по два часа активно свири на пијано, а неговиот напредок е очигледен. Тоа го потврди и на солистичкиот концерт што зимава го одржа во родното Кичево. За да биде уште поуспешен зема часови по музика и кај професорот д-р Бошко Тренески, поранешен директор на националниот ансамбл „Танец“ од Скопје.
Неговата желба е и во иднина да го усоврши своето музичко образование и да настапува на престижни музички сцени во светот, но пред сѐ во Македонија. З.А.