Читањето книга е секогаш добра идеја, но понекогаш не можеме да му посветиме многу време. Меѓутоа, постојат кратки книжевни класици што се читаат во еден здив и – за само еден ден.
Ви предлагаме некои од најдобрите кратки класици што нема да можете да ги испуштите и ќе ги прочитате за едно попладне!

„Малиот принц“, Антоан де Сент Егзипери (112 страници)

За време на Втората светска војна, авионот на еден пилот се расипал и тој бил принуден да слета во пустина, каде што сретнал принц што не бил од оваа планета. Додека го планираат својот излез од пустината, принцот го опишува своето патување и како сака да се врати на својата планета и на цветот што го сака. Ова е детска книга што треба да ја прочита секој возрасен!

„Макбет“, Вилијам Шекспир (142 страници)

Станува збор за најкратката трагедија напишана од познатиот Шекспир. Шкотскиот генерал Макбет добива пророштво од три вештерки дека еден ден ќе стане крал на Шкотска.
По тоа, неговата сопруга го советува и тој го убива кралот Данкан и го презема шкотскиот престол, но тој станува параноичен и работите тогаш стануваат уште покомплицирани…

„Појадок кај Тифани“, Труман Капоти (180 страници)

Импресивен роман исто како и неговиот главен лик – Холи Голајтли, која сака да ги шокира луѓето со своите ставови и делови од својот живот, а тоа го прави многу промислено. Во текот на една година, таа сè повеќе се открива пред нараторот, кој станува фасциниран од нејзиниот начин на живот.
„Старецот и морето“,
Ернест Хемингвеј (127 страници)

Хемингвеј за овој роман ги доби Пулицеровата награда и Нобеловата награда. Приказната следи еден рибар што решава да отплови со својот чамец на отворено море, со надеж дека ќе има успешен улов. Но тој оди многу подалеку од вообичаеното и тогаш започнува неговата борба со морето…

„Чудниот случај на доктор Џекил и господин Хајд“, Роберт Луис Стивенсон (141 страница)

Ова е една од најдобрите алегории за човечката природа и карактер. Научникот Хенри Џекил решава да направи напивка за да ја маскира својата зла внатрешна природа, но тоа не оди според планот. Неговата друга личност, Едвард Хајд, само доаѓа до израз и почнува да доминира со него.

„Животинска фарма“, Џорџ Орвел (112 страници)

Тука станува збор за уште една алегорија, овој пат за Руската револуција. Животните на фармата одлучуваат да ги соборат и избркаат нивните човечки сопственици и угнетувачи. Тие ја преземаат фармата, но еднаквоста меѓу нив полека се губи и доаѓа до раздор и разделување.

„Странец“, Албер Ками (123 страници)

Еден од најзначајните романи во француската, но и во светската литература. Се занимава со апсурдноста на човековото постоење и бесмислените низи на случајности од кои не можеме да избегаме. Главниот лик е опкружен со луѓе што навистина не го разбираат и низа несреќни околности, па неговиот живот е ужасно горчлив.