Фото: Игор Бансколиев

Мотивите за ова убиство остануваат нејасни и покрај многубројните толкувања и искажувања на старите историчари. Останува нејасно дали атентаторот го сторил од лични побуди или станувало збор за заговор, можеби од дворот или однадвор

Занимливости

Дворските игри и политичките убиства имале долга традиција во престолнината на античкото македонско кралство. Но едно од најзначајните политички убиства од овој период е убиството на великиот крал Филип Втори, кој ја видоизменил Македонија во една од најмоќните држави и ја наметнал својата политичка власт над Хелада.
Според историските извори, македонскиот крал бил убиен во 336 година пред нашата ера, токму на вториот ден од свадбата на неговата ќерка Клеопатра со братот на Олимпијада, Александар Епирски, која се одржувала во македонската престолнина Ајга. На свадбата биле поканети сите пријатели и сојузници на Филип, а очигледна била и неговата желба да ја покаже својата благонаклоност спрема Хелените и со соодветни почести да добие докази за нивната преданост.
Гозбата траела цел ден. Филип го овенчале со златен венец, не само поединци туку и држави, меѓу кои и Атињаните. Биле организирани блескави игри и музички натпревари. За следниот ден биле предвидени гимнастички натпревари, а уште од вечерта масите се упатиле кон театарот. Утрото тргнала свечената процесија во која, според Диодор Сицилиски, историчар што живеел во првиот век пред новата ера, биле носени статуите на дванаесетте олимписки божества, изработени со големо умеење и богато украсени. Со нив, како тринаесетта, била носена и величествена статуа на Филип на престол. Филип се појавил кога театарот бил полн. За да покаже пред Хелените дека е умерен во својата популарност, тој им наредил на своите телохранители да го следат од подалеку. Во моментот кога, заедно со сина си Александар, свечено влегувал во преполнетиот театар, додека сите ѝ се восхитувале на неговата моќ, одненадеж, со меч во рацете, скокнал младиот Павсаниј и му задал смртоносен удар. Убиецот бил фатен и убиен од телохранителите Пердика и Леонат.
Мотивите за ова убиство остануваат нејасни и покрај многубројните толкувања и искажувања на старите историчари. Останува нејасно дали атентаторот го сторил од лични побуди или станувало збор за заговор, можеби од дворот, но и однадвор.
Доколку се прифати дека станувало збор за заговор, останува нејасно кои се заговорниците, затоа што историските извори се нејасни и непрецизни. Според официјалната традиција, запишана од Диодор, Павсаниј го извршил убиството на Филип за да се одмазди за личната навреда што пред извесно време му ја нанел Атал, а Филип молчел без да преземе дејства. Една година пред овој настан Филип се оженил со Клеопатра, младата ќерка на Атал. Но во исто време се појавиле сомненија дека атентаторот бил само орудие на некоја заговорничка група, и тие сомненија никогаш не биле отфрлени.

Плутарх, старогрчки биограф и есеист, соопштува дека убиството на македонскиот крал било одбележано во Атина со сеопшта веселба. Атинското собрание по наговор на Демостен дури донело одлука посмртно да се награди Филиповиот убиец. Курциј Руф и Аријан известуваат дека персискиот крал Дариј Трети со радост ја примил веста за смртта на Филип.
Атентаторот Павсаниј, според некои извори, убиството го извршил во соработка со други луѓе. Тоа биле неговите тројца браќа – Арабеј, Херомен и Александар, кои потекнувале од аристократскиот род на Линкестидите во Горна Македонија. Фактот дека по убиството на Филип, Арабеј и Херомен успеале да се скријат, донекаде потврдува дека постоел организиран заговор од страна на незадоволната македонска племенска аристократија на Линкестида и Орестида.
Исто така не можеме да го отфрлиме и сомнежот за вмешаноста на Персија во заговорот против Филип. Персија се надевала дека ќе дојде до внатрешни немири во Македонското Кралство и со тоа ќе биде запрен планираниот поход на Исток. Како еден од доказите за евентуалната вмешаност на Персија во заговорот може да се земе острото писмо што му го испратил кралот Александар на персискиот цар Дариј. Во писмото Александар ги обвинил Персијците дека го организирале убиството на татко му Филип. Ако е тоа точно, се претпоставува дека Персија го сторила тоа преку дипломатски канали во Атина, кога прибегнале кон поткупување на членовите на антимакедонската партија. Меѓутоа, споменатото писмо може да се протолкува и како македонска пропаганда и оправдување за походот кон Исток.
Без разлика дали некогаш ќе се дознаат вистинските мотиви или вистинските нарачатели, Македонецот Павсаниј останува запаметен во историјата како човекот што го убил великиот македонски крал Филип Втори. Д.Ст.