Сезоната на евровизиски концерти почна како предвесник на големото шоу што ќе се одржи во мај во Торино, Италија. Нашата евровизиска претставничка Андреа ја започна промотивната турнеја низ Европа. Прва дестинација на агендата беше Лондон, кој е домаќин и основач на најстарата предевровизиска забава. Во срцето на Лондон, веднаш до Хајд парк, во култниот „Хард рок хотел“, познат по воздигнувањето на музиката како моќна сила што никогаш не застарува, Андреа ја делеше сцената со уште триесетина артисти од Европа, актуелни и поранешни евровизиски претставници.
– Публиката во Лондон направи да се чувствувам како дома. Ја пееја „Circles“ со мене во еден глас, а организацијата ни приреди одличен престој – изјави Андреа.
Во публиката, а и зад сцената, нашата Андреа доби поддршка и од актуелната македонска амбасадорка во Лондон, Александра Миовска, како и од членовите на „Ај кју“, македонските претставници на „Евровизија“ во 2018 година, кои исто така настапија на забавата. Видео од изведбата на „Circles“ во живо и атмосферата во салата во „Хард рок“ наскоро ќе биде објавено на еден од најрелевантните евровизиски портали „Вивиблогс“, кој беше и официјален партнер на лондонската предевровизиска забава. Покрај настапот, Андреа оствари сесија интервјуа во прес-центарот на настанот, како дел од агендата.
Евровизиската турнеја продолжува во Тел Авив на „Израел колинг“ – предевровизиската забава што важи за една од највозбудливите со оглед на тоа што за Израел се вели дека е земја што живее за „Евровизија“. Андреа ќе настапи вечерва во големата арена „Менора Мивтахим“.