Најголемиот музички фестивал во нашиот регион „Егзит“ е изгласан за петти најдобар фестивал во светот, објави еден од водечките светски музички медиуми „ДЈ маг“. Повеќе од 100.000 луѓе од целиот свет гласаа за своите омилени фестивали, а „Егзит“ се најде пред гигантските настани како што се „Гластонбери“, „Коачела“, „Брнинг мен“, „Лолапалуза“, „Сигет“, „Авејкенингс“ и многу други.
– Со ова признание уште еднаш се потврдува глобалниот углед на „Егзит“, кој веќе над две децении важи за еден од најпрестижните фестивали на светот. Особено е значаен фактот дека листата е формирана исклучиво со гласови од публиката низ планетата – изјави основачот и директор на фестивалот „Егзит“, Душан Ковачевиќ.
Гласањето за најдобрите фестивали траеше од 5 до 26 октомври 2022 година. На првото место е белгискиот „Тумороуленд“, по него следуваат американските „Ултрамјузик“ и „ЕДК Лас Вегас“, а потоа британскиот „Кримфилдс норт“.
На фестивалската листа на „ДЈ маг“, покрај „Егзит“, се најдоа и уште неколку фестивали од регионот, како што се „Антолд“, „Хајдаут“, „Сонус“, „Ултра Јуроп“. Годинашните резултати од гласањето се објавуваат по тригодишна пауза, а „Егзит“ беше на листата на „ДЈ маг“ и во 2019 година.
Овој британски магазин со тридецениска традиција е основан како месечник посветен на електронската музика и како таков се дистрибуира во повеќе земји во светот, меѓу кои се САД, Шпанија, Франција, Италија, Кина, Холандија, а негов заштитен знак се токму споменатите топ-листи.