Прослава на Денот на италијанскиот дизајн

Амбасадата на Италија во Скопје и ИТА Скопје, во соработка со Националната галерија на Македонија, организираат прослава на Денот на италијанскиот дизајн. Во рамките на тридневната програма, денеска во 13 часот во галеријата „Чифте-амам“ ќе се отвори изложбата со наслов „Најдрагиот Пинокио“. Поставката ќе може да се погледне во наредните две недели, до 28 март.
Во објектот ќе биде презентирана изложба по повод 140-годишнината од првото издание на книгата „Авантурите на Пинокио – приказна за куклата“ од Карло Колоди, најпреведуваната италијанска книга во светот. Во соработка со италијанската амбасада, изложбата на музејот за дизајн АДИ од Милано, пред македонската публика ќе го претстави дизајнерскиот проект „Најдрагиот Пинокио, италијанските дизајнери и графички дизајнери ја редизајнираат најпознатата кукла на светот“, куриран од Џулио Јакети.
Годишнината, според зборовите на претседателот Лучијано Галимберти, „е повод да се прослави ремек-делото на италијанската литература, со цел да се зајакне мултидисциплинарноста на дизајнот како наследство на културното богатство способно да поставува прашања во нашите секојдневни активности“.
– Срцето на „Најмилиот Пинокио“ се 60 дизајнерски проекти од 30 дизајнери и 30 графички дизајнери, специјално создадени за изложбата. Тоа се различни изрази на чувствата и работата на толку многу италијански дизајнери: зголемен, калеидоскопски, изненадувачки изглед, способен да ја раскаже приказната за способноста на италијанскиот дизајн да создава безвременски слики и предмети, прославувајќи го на тој начин митот за Џепето, првиот италијански дизајнер – вели кураторот на изложбата Џулио Јакети.
Низ медиумскиот простор на публиката со задоволство се обраќа кокураторот на изложбата.

– Јас сум Лука Мадонини и сум еден од 60-те дизајнери вклучени во изложбата „Најмилиот Пинокио“. Соработувајќи со главниот куратор на изложбата Џулио Јакети, имав и задоволство и чест да бидам сведок на сите креативни фази на оваа изложба, која е создадена со цел да се прослави 140-годишнината од раѓањето на Пинокио, една од најпознатите италијански икони во светот. Тоа секако е прослава на ликот на Пинокио, но и на Џепето, неговиот творец, кој знаел максимално да го искористи едноставното парче отпадно дрво, работејќи со одземање и доаѓајќи до апсолутна формална синтеза: цилиндар, сфера, конусот на капата и секако зашилено испакнување, односно да се добие сè од ништо и да се најде вредност дури и во тривијално парче остаток од дрво. За да ја покажат оваа аналогија, безброј дизајнери во текот на годините го презедоа предизвикот да ја реинтерпретираат фигурата на Пинокио, секогаш одржувајќи го формалниот архетип – вели Мадонини.
Зборувајќи за изложбата, Џулио Јакети предложи во музејот за дизајн АДИ да се вклучат 60 италијански дизајнери, поточно 30 дизајнери и 30 графички дизајнери, повикани да дизајнираат своја лична реинтерпретација на најпознатата кукла во светот. Резултатот е збирка што ги раскажува сложеноста на приказната на Пинокио и нејзините многубројни авантури и аспекти.
Станува збор за инклузивна изложба, погодна и за деца и за возрасни, полна со изненадувања, способна да предизвика насмевка и во исто време да ве натера да размислувате.
– Се надевам дека ќе уживате и ќе дозволите да бидете пренесени во магичниот свет на Пинокио – порача Лука Мадонини.
На отворањето на изложбата ќе се обратат амбасадорот на Италија, Андреа Силвестри, директорката на галеријата Дита Старова Ќерими и кокураторот и дизајнер Лука Мандонини.