Како соработник, Националната галерија ги вклучува во изложбата и биографиите на значајните македонски жени уметници, визионерки што ги користеа своите четки за сликање како инструменти за промена, надминувајќи ги општествените бариери и создавајќи простор за себе во уметничкиот свет доминиран од мажи

Австриската амбасада во соработка со Националната галерија на Македонија (НГМ) ја организира изложбата со наслов „Калиопе Австрија и Северна Македонија: Жените во општеството, културата и науката“, отворена во „Чифте-амам“.
– Австриското сојузно министерство за европски и меѓународни работи и Женскиот музеј во австриското гратче Хитисау во покраината Форарлберг ги промовираат работата и достигнувањата на жените од Австрија насекаде во светот. „Калиопе Aвстрија и Северна Македонија“ е можност да се присетиме колку жените напредувале, но и да се осврнеме на она што сѐ уште треба да го направиме за да обезбедиме еднаквост – велат од НГМ.
Изложбата ја истакнува улогата на жената во обликувањето на светот во изминатите 200 години. Преку прикажување биографии на значајни Австријки, изложбата има цел да го исправи историското маргинализирање на женските достигнувања, препознавајќи ги нивните таленти, решителност и придонес.
Опфаќајќи го периодот од 19 век до денес, изложбата ги истражува животите на различни жени, вклучувајќи аристократки, уметнички, научнички, активистки и политичарки, прикажувајќи ги нивните предизвици и достигнувања во борбата за еманципација.
– И покрај тоа што го признава прогресот на правата на жените, изложбата сепак се осврнува и на тековните предизвици и потребата за вистинска еднаквост. Посетителите се поканети да размислуваат за клучната улога на жената во обликувањето на идентитетот на една земја, нејзината култура и наука. Како соработник, Националната галерија ги вклучува во изложбата и биографиите на значајните македонски жени уметници, визионерки што ги користеа своите четки за сликање како инструменти за промена, надминувајќи ги општествените бариери и создавајќи простор за себе во уметничкиот свет доминиран од мажи. Дополнувајќи го документарниот аспект на изложбата, во другите простории на објектот „Чифте-амам“ се изложени уметнички дела од колекцијата на Националната галерија што им припаѓаат на значајни уметнички што одиграле важна улога во развојот на македонската современа уметност, истакнувајќи го често занемарениот „женски поглед“ – велат од Националната галерија.
На изложбата ќе бидат изложени дела од: Катја Ефтимова, Лена Стефанова, Борка Аврамова, Ана Темкова, Вана Урошевиќ, Дијана Томиќ-Радевска, Моника Мотеска, Дита Старова Ќерими, Жанета Вангели, Славица Јанашлиева, Виолета Чауле, Биљана Унковска, Менче Спироска и Александра Ристовска Петрушевска.