Фото: Пиксабеј

Секој што патува знае дека движењето низ различни градови е еден од важните предуслови за секое туристичко патување, особено во навистина големите градови. Се разбира, можете да одлучите да користите такси, но освен што е скапо, честопати сообраќајниот метеж е таков што јавниот превоз е најбрзо решение, особено метрото. Овој тип на јавен превоз, како што знаат сите што го користеле, може да биде преполн, жежок, бучен. Но големите градови не можат без него, а тој се разликува од град до град. Затоа Си-ен-ен неодамна направи листа на 18 најдобри метроа во светот, од Лондон и Париз до супермодерни системи со автоматски возови. Она што ги поврзува сите се одличниот инженеринг и улогата што ја играат во животот на луѓето на кои им служат.
На листата прв е Лондон со најстарата и сè уште една од најголемите мрежи. Лондонското метро ја доби својата прва линија во 1863 година, а досега порасна на 11 линии со 272 станици и 400 километри пруга. Секој ден го користат повеќе од четири милиони лондонци и туристи. Покрај тоа што е транспортен систем, лондонски „Тјуб“ е и глобална културна икона и е светски лидер во транспортната архитектура и дизајн од своето основање.

Втор на листата е Пекинг. Отворено повеќе од еден век по Лондон, метрото во Пекинг прерасна во еден од најдолгите и најпрометни системи во светот. Тоа опслужува повеќе од десет милиони луѓе дневно на своите 27 линии. Шест линии се целосно автоматизирани, со возови без возачи. Но Пекинг се соочуваа со постојаните предизвици на огромен град и до 2025 година Кинезите планираат да се прошират до капацитет од 18,5 милиони луѓе дневно. Истовремено, превозот е евтин, билетот чини помалку од 40 центи, а за децата, старите лица, полициските и воените ветерани и за лицата со посебни потреби е бесплатен.
На третото место е Копенхаген. Метрото во главниот град на Данска не е ниту најстаро, ниту најдолго, ниту најпрометно, но работи 24 часа на ден поврзувајќи мрежа од 39 кристално чисти и прекрасно дизајнирани станици. Во неколку наврати е прогласено за најдобро во светот од експертите за транспорт, а од неговото отворање во 2002 година, има превезено повеќе од една милијарда патници или 300.000 патници дневно. Најзабележително е по неговиот скандинавски дизајн и функционалност. Покрај тоа, метрото е добро поврзано со паркинзи за велосипеди и други форми на јавен превоз.
На листата потоа се Париз, Токио, Сеул, Њујорк, Мексико Сити, Сингапур, Берлин, Москва, Глазгов, Шангај, Киев, Чикаго, Делхи, Хонгконг и Будимпешта.