Неделава на Филолошкиот факултет „Блаже Конески се одржа дебатата „Политички митови: за употребата и злоупотребата на приказната“ со Кристина Н. Николовска и Ирина Талевска. Повод за оваа дискусија беше објавата на нивните најнови монографии „Антисемитизмот и холокаустот“ од Ирина Талевска и „Национални митови од маргините: факти и фикции во предмодерните црковнословенски записи“ од Кристина Н. Николовска.
Модераторка на дискусијата беше Маја Бојаџиевска.
„Антисемитизмот и холокаустот“ е првичен обид на Ирина Талевска да создаде општа слика за динамиките во развојот на антисемитизмот низ вековите и неговата кулминација во холокаустот. Наедно, книгата претставува и обид да се исцртаат контурите на широкиот опсег на човековото дејствување, вклучувајќи го и неговиот капацитет да пружи отпор кон неоснованото насилство и екстремното зло. По „Европската книжевност на холокаустот“, оваа е втора книга на авторката што ги опфаќа овие теми, но прва наменета за помладата читателска публика затоа што, пред сè, има цел да поттикне прашања и да отвори простор за понатамошни продлабочени рефлексии за овие исклучително комплексни феномени.
Првата книга на Кристина Н. Николовска, „Национални митови од маргините: факти и фикции во предмодерните црковнословенски записи“, нуди толкувања на неколку значајни црковнословенски записи, дискутирајќи ги начините на употреба на овие текстови во моментот на нивното создавање, но и во современата историографија/книжевна историја. Потпирајќи се на специфичните книжевни конвенции, од една страна, и на локалниот контекст, од друга, Николовска покажува дека овие документи не се транспарентни гласови од минатото на „маргинализираниот“ човек потиснат од османлиското владеење, туку комплексни текстуални фрагменти што ги откриваат перцепциите на раномодерните јужнословенски автори за минатото, сеќавањето и политиката.