Фото: Пиксабеј

„Асошиејтед прес“ издаде упатства за вештачка интелигенција, велејќи дека алатката не може да се користи за создавање содржини и фотографии за објавување на сервисите за вести, а истовремено ги охрабрува вработените да се запознаат со технологијата.

АП е една од новинските организации што почнаа да поставуваат правила за тоа како да се интегрираат технолошките алатки што брзо се развиваат, како ЧетГПТ, во нивната работа. Правилата за користење на вештачката интелигенција во продукцијата на вести ќе бидат објавени во „Стајлбук“ на агенцијата.
– Нашата цел е да им дадеме на луѓето добар начин да разберат како можеме да бидеме малку експериментални, но и да бидеме безбедни – рече Аманда Барет, потпретседателка на АП за стандарди на вести и инклузија.

Генеративната вештачка интелигенција може да креира текст

Новинскиот истражувачки центар „Поинтер“ претходно ги повика новинарските организации да создадат стандарди за употреба на вештачката интелигенција и да ги информираат своите читатели и гледачи за тоа, велејќи дека тоа е „момент на трансформација“.

Генеративната вештачка интелигенција има способност да креира текст, слики, аудио и видео по команда, но сè уште не е целосно способна да разликува факти од фикција. Како резултат на тоа, материјалот генериран со вештачка интелигенција треба внимателно да се провери, исто како и материјалот од кој било друг извор на вести.

Слично на тоа, АП рече дека фото, видео или аудиосегмент генериран од вештачка интелигенција не треба да се користи, освен ако тој изменет материјал сам по себе не е предмет на приказна. Тоа е во согласност со технолошкото списание „Вајерд“, кое соопшти дека не објавува приказни генерирани од вештачка интелигенција, освен ако поентата на приказната е фактот дека таа е генерирана од вештачка интелигенција.
– Сите приказни мора да бидат целосно напишани од вас. Вие сте одговорни за точноста, правичноста, оригиналноста и квалитетот на секој збор во вашите приказни – напиша главниот уредник на „Инсајдер“, Николас Карлсон, во меморандумот до вработените, дистрибуиран до читателите.

Случаите на „халуцинации“ или измислени факти генерирани од вештачката интелигенција веќе се широко објавувани, што го прави важно за корисниците да знаат дека постојат стандарди за да се осигурат дека содржината што ја читаат, гледаат и слушаат е потврдена, веродостојна и правична што е можно повеќе, пишува „Поинтер“.

Новинските организации наведоа начини на кои генеративната вештачка интелигенција може да биде корисна, но не и за она што е објавено како вест или фото и видеоизвештај.

Карлсон рече дека од вештачката интелигенција може да се побара да предложи можни промени за да се направи приказната поконцизна и почитлива, или да смисли можни прашања за интервју.

АП веќе една деценија експериментира

АП веќе една деценија експериментира со поедноставни форми на вештачка интелигенција, користејќи ја за да креира вести за спортски резултати и технички извештаи за корпоративната заработка.

Креаторот на ЧетГПТ, компанијата „ОпенАИ“, и „Асошиејтед прес“ минатиот месец најавија договор со компанијата за вештачка интелигенција за да добие дозвола да ја користи архивата на вести на АП за цели на обука за вештачка интелигенција.
Новинските организации се загрижени дека компаниите со вештачка интелигенција го користат нивниот материјал без дозвола или плаќање.

Компанијата „Њус медиа алајенс“, која застапува стотици издавачи, објави изјава за принципите за заштита на правата на интелектуална сопственост на своите членови.
Некои новинари изразија загриженост дека вештачката интелигенција може да ги замени работните места што ги извршуваат луѓето, па ова е предмет на голем интерес, на пример, во преговорите за договор меѓу АП и нејзиниот синдикат, „Њус медиа гилд“.