Американската компанија „Војаџер спејс“ и европскиот „Ербас дефенс енд спејс“ ги здружија силите во трансатлантскиот проект за изградба на нова генерација вселенски станици под приватна контрола. Станува збор за станицата наречена „Старлаб“, која ќе ја наследи Меѓународната вселенска станица. Со соработката меѓу двете компании се продолжува долгата традиција на заедничките американски и европски напори за истражување на вселената.
– Горди сме што ја градиме иднината на вселенските станици со „Ербас“. Меѓународната вселенска станица се смета за најуспешна платформа за глобална соработка во историјата и ние сме посветени да го градиме ова наследство додека напредуваме со „Старлаб“. Овој заеднички проект го лансираме за да се задоволи побарувачката за глобалните вселенски агенции додека отвораме нови можности за комерцијалните корисници – рече Метју Кута, претседател на „Војаџер спејс“.
„Старлаб“ нема да има само американски ентитет, туку и европска подружница за заедничко вложување, која директно ќе ѝ служи на Европската вселенска агенција (ЕСА) и вселенските агенции на земјите-членки.
САД и Европа долго време соработуваа на вселенски проекти, од кои еден е вселенскиот телескоп „Хабл“ управуван од ЕСА. Новото партнерство ја продолжува оваа соработка и во приватниот вселенски сектор.
„Старлаб“ е планиран како замена за застарената Меѓународна вселенска станица и ќе биде постојано управувана, опслужувајќи ја НАСА, како и широката база на клиенти од светот на вселенските агенции, како и истражувачите од целиот свет. Примарната цел на програмата е да се одржи човечко присуство, како и лидерство на САД во ниската орбита на Земјата.
Развојот на „Старлаб“ достигна значајна пресвртница со завршувањето на прегледот на системските барања (СРР) во јуни 2023 година, кој ги утврди главните вселенски системи, техничката подготвеност и усогласеноста со мисијата и безбедносните барања на НАСА.
Меѓутоа имплементацијата на заедничкото вложување е предмет на регулаторни одобренија од релевантните раководни тела, па ќе видиме како ќе се развива новата вселенска станица во месеците и годините што следуваат.