Филмската академија не одговори адекватно на шлаканицата на Вил Смит за Крис Рок на доделувањето на „оскарите“ минатиот март, рече претседателката на организацијата во понеделникот, на собирот на годинешните номинирани за „оскар“. Академијата за филмски уметности и науки беше критикувана што му дозволи на Смит да остане на своето место и да го прифати трофејот за најдобар актер откако тој го нападна Рок на сцената.
– Она што се случи на сцената беше целосно неприфатливо. Од тоа научивме дека академијата мора да биде целосно транспарентна и одговорна во нашите постапки, а особено во време на криза – рече претседателката на академијата Џенет Јанг на годишниот ручек на номинираните за „оскар“ во Беверли Хилс.
Смит поднесе оставка од академијата по инцидентот, а академијата му забрани да присуствува на доделувањето „оскари“ наредните десет години. Тој и понатаму ги исполнува условите да биде номиниран и да ја освои златната статуетка. На ручекот во понеделникот, номинираните, меѓу кои Том Круз, Стивен Спилберг, Мишел Јео и Анџела Басет, се забавуваа и позираа за групна фотографија.
Победниците ќе бидат објавени на церемонија што ќе се емитува во живо на Еј-би-си на 12 март.