Капсула што го содржи материјалот била испуштена од јапонското вселенско летало „Хајабуса-2“ во 6.30 часот, додека се приближувало до нашата планета, oбјавуваат светските медиуми. По шест години и три дена од почетокот на историската мисија на јапонската сонда „Хајабуса-2“, се очекува денес по 17 часот капсулата да се спушти во зафрлен дел на Австралија, носејќи драгоцени парчиња од астероид, кои како што очекуваат научниците, ќе фрлат нова светлина врз создавањето на Сончевиот систем и потеклото на животот.

Леталото „Хајабуса-2“ ќе го комплетира патувањето долго шест милијарди километри, што вклучи и две кратки застанувања на астероидот кој се движи со голема брзина. Според Јапонската вселенска агенција, леталото ќе ја испушти капсулата од височина од 220.000 километри.

Мисијата вредна 238 милиони евра почна во декември 2014, кога „Хајабуса-2“ беше лансирана од јапонскиот вселенски центар Танегашима во југозападна Јапонија. Леталото првпат се спушти на 4,6 милијарди години стариот астероид Рјугу во февруари минатата година, кога тој бил оддалечен 300 милиони километри од Земјата. Второто спуштање се случило по пет месеци, кога биле собрани материјали од неговата внатрешност.

Јапонските научници веруваат дека собраните материјали содржат јаглерод и органска материја кои се во истата состојба како од времето на формирањето на Сончевиот систем.

– Се надеваме дека ќе откриеме траги за потеклото на животот на Земјата – изјави Макото Јошикава, менаџер на мисијата во Јапонската вселенска агенција ЈАХА.