Актерот Франческо Монтанари го толкува ликот на Ди Филипо во серијата

Поранешниот убиец на мафијата Пасквале ди Филипо бара отштета во висина од еден милион евра од италијанската телевизиска станица РАИ, откако неговата 14-годишна ќерка дознала за неговото криминално минато преку гледањето на телевизиска серија, пишува британски „Тајмс“.

Ди Филипо, кој е познат под прекарот Ловецот, како што гласи и називот на споменатата телевизиска серија за сицилијанската мафија, истакна дека неговата ќерка била во солзи додека гледала една од епизодите, по што го прашала „Тато што си сторил?“. 

– Таа потоа се затвори во својата соба и во следните шест месеци излегуваше само за да оди на училиште. Веќе не сака ниту да зборува со мене, ниту да ме погледне – се пожали Ди Филипо, кој негира дека е виновен за 20 убиства, колку што му се припишуваат во серијата.

Поранешниот член на мафијата отслужи 10 години во затвор поради четири убиства за кои беше обвинет. Тој соработува со италијанските власти од 1995 година, откривајќи ги тајните на организираниот криминал. Ди Филипо доби нов идентитет, а честопати ги менува и местата во кои престојува, во рамките на програмата за заштитени сведоци.

– Никогаш нема да живеам нормален живот, но не можам да го поднесам фалсификувањето на приказната и затоа барам компензација – категоричен е Ди Филипо.