Групата „Суперхикс“, како и што најави, 25-те години континуирана и успешна активност на музичката сцена ги прослави со синоќешниот концерт за паметење, во Дансинг салата на МКЦ, која се тресеше од добри вибрации, многу емоции, од дланките на расположената публика и од хитовите на Банда инструментале.

Осумтемина членови на бендот не прошетаа низ целата кариера, која почна 1994 година со настапот во клубот „Доорс“ во скопско Дебар Маало, исто така на 3 март, ама пред четврт век.

Песните како „Раде“, „Африка“, „Глупави песни“, „Рам пара рам“, „Ти треба некој“, „Жал ми е за децата“, „Луда главо“…, како и најновата „Модерна љубов“, го размрдаа МКЦ во целост. Верните фанови уживаа во музиката која веќе две и пол децении ја задржува својата уникатност и позитива, а се слуша во целиот регион.

Сите што беа дел од овој концерт уживаа и во посебната сценографија, настапите на гостите, во одличниот звук. Имаше и две иницијативи, за подигање на свеста за заболените од мултипла склероза (МС) и против оружјето, бидејќи „Хикси“ не ја пропуштаат можноста секогаш јавно да покажат дека имаат став за се што се случува околу нив и прават се да бидат на вистинската страна.

– Има ли поголемо признание од она што сме го правеле и сме го оставиле зад себе во овие 25 години и од сета онаа публика и илјадници насмеани лица што сме ги гледале на нашите концерти? – вели лидерот на бендот Петар – Пеце Младеновски, кој како средношколец влета во оваа успешна музичка приказна.

Во МКЦ синоќа беа и голем број нивни колеги од фелата, кои исто така не ги кријат позитивните впечатоци. Така Тошо Филиповски, авторот на Првата македонска рок енциклопедија, напиша на својот Фејсбук профил под фотографија од концертот на „Хикси“: „Да ти е мерак….каква убава атмосфера прават домашни бендови, Да живее долго македонскиот рокенрол“!, а Владимир Блажев Панчо од „ДНК“ им честиташе на славениците со зборовите: „Браво „Суперхикс“, браво Петар, браво МКЦ! Да ви се множат успешни свирки, години и да сте живи и здрави!“

Никола Перевски Пере од „Нокаут“ исто така се придружи на честитките: „Бевте феноменални, колеги искрено ви посакувам да се видиме и на 50-годишнината!

Ребека им посака на момците од „Суперхикс“ уште многу усшени концерти, а за Кристина Арнаудова тие во изминатите 25 години свиреле и создавале музика со став!

По роденденскиот концерт, како што ветија, „Суперхикс“ ќе имаат уште многу настапи дома и надвор и како и досега ќе шират многу добри вибрации, иако текстовите на нивните популарни песни, често знаат и да не замислат.

М.Т.