Славниот воз „Венис Симплон Ориент експрес“, кој ќе ги вози патниците од Венеција за Лондон во 2023 година, ќе се соочи со нов ривал – „Ориент експрес ла долче вита“, кој тогаш ќе тргне на своето прво патување. Новата железничка услуга со седиште во Италија, која е во сопственост на хотелската група „Акор“, се надева дека ќе ја поттикне новата генерација млади луѓе да се приспособат на златното време на патувања со железница – под услов да можат да платат висока цена.
За разлика од „Венис Симплон“, со кого управува фирмата за луксузни возења „Белмонд“, со својот препознатлив современ арт-деко ентериер од 2020-тите години, верзијата „Ла доче вита“ (Сладок живот) ќе има поинаков изглед. Дизајнерите сакале да го доловат времето од средината на минатиот век, инспирирано од облините и боите од 1960-тите и 1970-тите години.
Секој од шесте воза, кои ги дизајнираше студиото „Диморе“ од Милано, ќе има 12 луксузни кабини, 18 апартмани, еден почесен апартман и вагон-ресторан, каде што патниците ќе можат да пробаат врвни јадења од италијанската кујна со шише добро вино. Гостите ќе уживаат во обиколката на Италија, од Алпите на север до јужните плажи, патувајќи низ прекрасни предели и уживајќи во уметноста и културата на градовите како: Милано, Фиренца, Венеција и Рим. Италијанската програма ќе има опции за патување со едно и три ноќевања, а цената за едно ноќевање е 2.000 евра. Исто така ќе има и три меѓународни програми, од Рим до Париз, Истанбул и до Сплит.