Стотина отпечатоци од диносауруси, толку добро зачувани што на нив може да се видат и делови од кожата на овие џиновски животни, се пронајдени неодамна во Полска. Откритието дава увид во сложениот еколошки систем на Земјата од пред 200 милиони години.
Полскиот геолошки истражувачки институт го опишал откритието во отворениот рудник за глина во Борковици, 130 километри јужно од Варшава, како „ризница на фосилизирани траги и коски“, пренесоа агенциите.
– Во трагите што ги оставиле диносаурусите може да се „прочитаат“ нивното однесување и навики. Има траги од животни што трчаат, пливаат, се одмораат или стојат – изјави геологот Гжегож Нидзведски.
Најголемите пронајдени отпечатоци му припаѓаат на диносаурус месојадец и долги се 40 сантиметри. На нив може да се забележи деталната надворешна структура на кожата. Пронајдени се неколку стотици траги на диносауруси од најмалку седум вида, а геолозите се уверени дека наскоро ќе бидат најдени уште траги од овие џиновски животни.