Русија е подготвена да почне да прави своја вселенска станица, за да ја лансира во орбитата до 2030 година, доколку претседателот Владимир Путин даде зелено светло, изјави шефот на руската вселенска агенција „Роскосмос“.
Проектот би заокружил повеќе од две децении блиска соработка со САД на застарената Меѓународна вселенска станица (МВС), објави „Гардијан“.
– Доколку до 2030 година, во согласност со нашите планови, можеме да ја испратиме во орбита, тоа ќе биде фантастичен пробив – вели шефот на „Роскосмос“, Дмитри Рогозин.
Руските космонаути работеле со колегите од САД и уште 16 држави на Меѓународната станица од 1998 година. МВС е место на кое Москва и Вашингтон најтесно соработувале, додека за другите прашања односите им се во криза.
Заменик-премиерот на Русија, Јури Борисов, изјави за руската телевизија дека Москва ќе ги извести партнерите оти ќе го напушти проектот од 2025 година.
Според Розгозин, руската страница, спротивно на МВС, најверојатно нема да има траен екипаж, поради зголемената радијација, но руските космонаути ќе можат да ја посетуваат и да користат вештачка интелигенција и да ракуваат со роботи.