Пејачот Павле Камилоски, иако досега одржал десетина големи концерти во Скопје и низ земјава, пеејќи евергрини од сите меридијани, деновиве го издаде својот прв авторски сингл, за кој е снимен и интересен спот.
Текстот за песната „Такт по такт“, која е во боса-нова стил, го напишаа Робин Зимбаков и Алек Русјаков, а музиката и аранжманот се на Роберт Билбилов. Во снимањето како придружен вокал учествуваше и Александар Тарабунов.
Режијата на оваа љубовна видеоприказна му беше доверена на Александар Ристовски-Принц, а во спотот, освен Павле Камилоски, се појавува и манекенката Маја Сашек.
– Без емоцијата и авангардноста што ги поседува познатата манекенка Маја Сашек, немаше да го добиеме овој резултат. Маја му додаде една уникатна вредност на видеото и многу сум ѝ благодарен на соработката за спотот – вели Камилоски.
Песната и спотот ја имаа премиерата деновиве, на предновогдишниот концерт на Камилоски во Музејот на македонската борба, на кој тој заедно со своите гости ги пееше вечните мелодии на: Френк Синатра, Дин Мартин, Нет Кинг Кол, Том Џонс…