Двоецот „ДНК“ годинава го слави своето полнолетство, па затоа оваа иако тешка 2020 година реши да ја заврши со песна, односно концерт што поради пандемијата ќе се одржи онлајн. Виртуелниот настан е закажан за понеделник, 28 декември, а Панчо и Андреј со сите свои обожаватели, пријатели и драги луѓе ќе се дружат на официјалната страница на Фејсбук.
– Оваа 2020 година беше претешка за сите нас, на сите полиња. Многумина изгубија свои најблиски, претрпеа огромни финансиски загуби, ги изгубивме духот, дружбата, насмевката, позитивната мисла и што е најбитно заборавивме да пееме, да се дружиме и забавуваме. Но не се даваме. Како што сите знаете, оваа година „ДНК“ слави полнолетство, односно 18 години постоење на македонската поп-естрада. Имавме суперплан, но со оглед на околностите бевме спречени да прославиме физички заедно со сите вас. Сепак, не се откажавме и по тој повод решивме да ѝ се спротивставиме на оваа летаргична година и во 2021-та да влеземе со песна и позитивна мисла. „Влезницата“, која во ова тешко време за нас артистите наедно ќе биде и еден вид ваша поддршка и донација ќе чини симболични 300 денари со можност да купите повеќе, а секој преглед и купена карта ќе биде наша мотивација за многу нови изненадувања во 2021 г., кои ги крчкавме по дома – велат Панчо и Андреј.
Тие додаваат дека со нетрпение го очекуваат концертот.
– Премногу сме возбудени бидејќи првпат ќе свириме по пауза од 10 месеци и однапред сме ви преблагодарни за вашата поддршка во овој тежок период за нас, а наедно и за сите овие 18 години. Ве очекуваме во огромен број, барем 10 пати повеќе од нашиот последниот саемски концерт и нормално интерактивно ќе се забавуваме и ќе одговараме на вашите пораки – вели популарниот двоец.