Доделувањето на „златните глобуси“ ќе се одржи на 7 јануари, а сега се знае кој е номиниран за престижната награда. Најмногу номинации, односно седум, добија филмовите „Моќта на кучето“ и „Белфаст“. Што се однесува до сериите, доминираа „Сукцесија“ со пет номинации и „Тед Ласо“ и „Утринската емисија“ со по четири. Меѓу фаворитите беа серијата „Игра со лигњи“ со три номинации и францускиот хит „Лупин“.
За најдобра актерка, Лејди Гага повторно се најде на листата, а ѝ се придружија Никол Кидман, Кристен Стјуарт, Оливија Колман и Џесика Честејн.
Вил Смит и Дензел Вашингтон се во трка за најдобар актер, покрај Хавиер Бардем, Махершал Али и Бенедикт Камбербач.
Откако телевизијата „Ен-би-си“ се откажа од емитувањето на „златните глобуси“, сѐ уште не се знае како ќе се одржи доделувањето.
Холивудското здружение на странски новинари е на удар на критики поради тоа што нема црни членови, а има контроверзии и околу тоа дали нивната блиска врска влијае на изборот на номинирани и победници. Во меѓувреме, здружението прими уште 21 член, од кои шест се црнци, и гo забрани добивањето подароци и услуги и воведе обука за сексуалната злоупотреба и различноста.