Фото: Маја Јаневска-Илиева

Според најновите научни достигнувања, на повидок е идеално решение кое ќе му помогне на светот во борбата против јаглеродниот диоксид, еден од најлошите непријатели на животната средина.

Научниците од Универзитетот во Калгари, Канада, развија иновативен метал-органски материјал наречен „ЦАЛФ-20“ кој е способен да го „зароби“ јаглеродниот диоксид така што ќе ги држи молекулите на гасот заглавени на неговата површина.

Иако споменатото својство на метално-органските соединенија е познато со децении, овие материјали не нашле комерцијална примена бидејќи не функционирале надвор од строго контролираните лабораториски услови.

Присуството на вода во мешавината на гас ги оневозможувало метално-органските материјали да ги врзат молекулите на јаглерод диоксид, но тим од научници од Универзитетот во Калгари успешно го решиле тој проблем.

– Иновацијата во овој материјал е тоа што добро ја поднесува водата. Тоа значи дека не мора да го сушите гасот пред да го филтрирате низ овој материјал, што ја намалува потребата од трошење многу енергија – вели Арвин Раџендрен, еден од истражувачите во проектот, пренесе порталот „Енерџи“.