Енио Мориконе, големиот автор на филмска музика, остави зад себе многу
дела, награди и вечни композиции. Сепак, останале многу напишани партитури што не ја здогледале светлината на денот, а некои од нив наскоро ќе бидат објавени во специјално издание.
Постхумниот албум со музика од големиот композитор Енио Мориконе, кој почина на 6 јули, на 92-годишна возраст, ќе излезе на 6 ноември.
Колекцијата наречена „Morricone Segreto“ ќе содржи седум досега необјавени композиции напишани од Мориконе од доцните 1960-ти до раните 1980-ти.
Исто така, на овој албум, со вкупно 27 композиции, ќе има некои од неговите помалку познати филмски теми.
Во најавата, ова издание е опишано како „скриената, темна, психоделична страна на маестрото“, со зборовите дека ексцентричниот дел од неговата личност допрва ќе се открива.