Студената вода ја забавува појавата на деменција

Неодамнешното истражување на универзитетот „Кембриџ“ покажа дека студената вода може да ја забави појавата на деменција, па дури и делумно лековито да дејствува. Со оваа студија биле опфатени лица што пливаат во зимски период. Во нивното тело е откриен протеинот РБМ3, за кој е докажано дека ја забавува појавата на деменција и дејствува лековито по појавата на ова заболување. Меѓу испитаниците бил и Мартин Пети, кој во текот на целата година плива во студена вода. Освен нив, со истражувањето била опфатена и група што не пливала во студена вода. И сомнежите на научниците се потврдиле. Оние што пливале во студена вода имале изразито повисоко количество од протеинот РБМ3 во однос на втората група.
– Ако го забавите прогресирањето на деменцијата за неколку години, тоа може да има големо здравствено и економско значење – изјави професорката Џована Малучи од Институтот за истражување на деменцијата на универзитетот „Кембриџ“.
Сепак, научниците не можат да им го препорачаат капењето во студена вода на сите пациенти поради другите здравствени опасности, како и можноста за срцев удар. Затоа тие се надеваат дека наскоро ќе пронајдат посигурен начин да го зголемат количеството на протеинот РБМ3.