Нов облакодер се гради во Куала Лумпур, Малезија, кој е втора највисока зграда во светот. Станува збор за облакодер висок 678,9 метри, со 118 ката. Облакодерот го доби името „Мердека 118“ и штотуку ја достигна највисоката висина, а работите ќе бидат завршени кон крајот на 2022 година.
Облакодерот е дизајниран од компанијата „Федер кацалидис“ од Австралија, која исто така ја дизајнирала и кулата „Австралија 108“. Надворешноста на облакодерот во Куала Лумпур е инспирирана од малезиската уметност и има триаголни стаклени делови. Иако во светот се градат многу облакодери, ретко се случува да се пробијат во топ 5 највисоки.
„Мердека 118“ достигнува височина од 678,9 метри, но таа височина го вклучува и „копјето“, односно врвот, а без него висината е 644 метри, благодарение на што и понатаму е повисока од кулата „Шангај“, што ѝ ја носи титулата на втора највисока зграда во светот. Пред неа е само „Бурџ Халифа“, со висина од 828 метри.
Внатрешноста на кулата е околу 288.000 квадратни метри, поделена на 118 ката, со посебен деловен простор, хотелски простор, простор за продавници, луксузни апартмани и опсерваторија. Облакодерот се наоѓа на голема површина, каде што е забрането движењето на автомобили, а е опкружен со зелени и водни површини.