Декемвриската програмa во Кинотеката на Македонија започнува со „Мобил фестивал“. Потоа во понудата за декември е проекцијата на „Нечиста крв – грев на предците“, во режија на Милутин Петровиќ. Филмот е снимен според познатата романескна предлошка „Нечиста крв“ на класичниот српски писател Борисав Бора Станковиќ. Во декември ќе биде репризиран уште еден српски наслов, „Тома“ на Драган Бјелогрлиќ и Зоран Лисинац.
Декемвриската понуда на кинотечната програма го содржи и краткиот игран филм „Северен Пол“ на Марија Апчевска-Петровска, кој беше во официјалната селекција на Канскиот филмски фестивал, во конкуренција за наградата „златна палма“ за најдобар краток филм, и учествуваше на десетина филмски фестивали низ светот.
Следуваат неколку наслови од регионот и Европа, во кој Македонија има малцинско продукциско учество. На програмата се два наслова од новиот бран на бугарската кинематографија, „18 проценти сиво“ на Виктор Чучков и „Насоки“ на Стефан Комендарев, и два словенечки филма на необичниот автор Винко Модерндерфер, „Инферно“ и „Застој“. Во овој блок филмови спаѓаат и „Виа Карпатија“, во режија на Клара Кочанска и Каспер Бајон, со најпознатиот актер натуршчик на овие простори Бајрам Северџан, и последниот филм на неодамна починатиот автор Горан Паскаљевиќ, насловен „И покрај маглата“. Средината на декември е резервирана за Неделата на полскиот филм, веќе традиционална филмска смотра на најдоброто од класичната и современата полска кинематографија.