Капсулата наменета за асистирано самоубиство доби одобрение во Швајцарија, а нејзиниот креатор верува дека следната година би требало да биде подготвена за употреба во оваа земја.
Евтаназијата е легална во Швајцарија, а во 2020 година ја користеле 1.300 луѓе, покажуваат податоците на двете главни организации за „асистирано самоубиство“. Животите на луѓето завршуваат со голтање течен натриум пентобарбитал, кој ги става во длабока кома пред да починат. Меѓутоа, докторот Филип Ничке ја разви капсулата „Сарко“, произведена од 3Д-печатач, која нуди поинаков пристап.
Капсулата ја реализира својата цел така што се полни со азот, кој брзо ја намалува концентрацијата на кислород, а личноста во неа умира од хипоксија и хипокапнија. Дејството на капсулата предизвикува чувство на дезориентација, а лицето може да почувствува мала еуфорија пред да ја изгуби свеста. Ничке тврди дека смртта доаѓа по 30 секунди и дека нема ниту паника ниту чувство на задушување.
Исто така, капсулата се активира одвнатре, така што лицето може самостојно да притисне копче кога е подготвено да го стори тоа. Капсулата е пренослива и може да се транспортира на која било локација. Законскиот преглед на капсулата е завршен и може да се користи без проблем. Третиот прототип на капсулата „Сарко“ во моментов се прави со помош на 3Д-печатач во Холандија и треба да биде оперативен во Швајцарија во 2022 година.
Ничке минатата година изјави дека сака да ја обезбеди оваа технологија бесплатно, па програмата за печатење капсули ќе биде достапна на интернет.