Решена мистеријата

Статуите од Древниот Египет најчесто немаат нос, а покрај забот на времето, сега е откриено што друго ги уништило. Египтолозите наведуваат дека постојат голем број сложени причини зошто египетските статуи останале без нос и дека тие биле намерно уништувани, покрај тоа што биле изабени со текот на времето.
Едвард Блајберг од Музејот за египетска уметност во Бруклин, Њујорк, спроведе истражување на оваа тема, што резултира со изложбата „Иконоборство во Антички Египет“, каде што оштетените статуи и нивните делови помеѓу 25 век пр. н.е. и 1 век од н.е. се споени со неоштетени статуи.
– Начинот на оштетување на статуите јасно покажува дека тоа е намерно – изјави Блајберг за американските медиуми.
Египетските артефакти се проткаени со политички и верски функции, велат експертите, а културата на иконоборството довела до нивно намерно оштетување. Причините се многубројни, од инвазијата на странски војски до династички борби за власт. Експертите, врз основа на начинот на оштетување на статуите, можат да разликуваат дали се работи за намерен вандализам или носот на статуата е скршен поради старост.
– Античките Египќани им припишувале важни овластувања на приказите на човечкото тело, верувајќи дека духот на починатиот човек може да ја насели статуата што ја прикажува неговата фигура. Исто така, тие биле визуелен приказ за тоа кој имал моќ да ја раскаже приказната за она што се случувало и што треба да биде запаметено – вели Блајберг.
Затоа вандалските чинови имале цел да ја уништат таа моќ, а Блајберг наведува дека статуите биле место каде што се спојуваат натприродното и реалниот свет. Намерниот чин на иконоборство, уништување на ликот во Древниот Египет, бил извршен на овој начин по наредба на наследниците на некои фараони.
– Оштетениот дел од телото повеќе не може да ја извршува својата функција, така што духот на починатиот, кој се вселува во статуата, повеќе не може да дише кога на статуата ќе ѝ се скрши носот, на тој начин вандалите се обиделе да го убијат тој дух – вели Блајберг.

Ако ушите на статуата на божеството се скршени, тој нема да може да ги слушне молитвите упатени до него. Исто така, ако статуата на починатиот има скршеница на раката со која дава придонес за да се смири божеството, тој чин исто така би бил поништен. Со уништување на фигурите на статуите, некои владетели се обидувале да ја сменат историјата во нивна корист, па затоа Древните Египќани се обидувале да ги заштитат скулптурите поставувајќи ги во скриени и тешко достапни простории во гробници или храмови. Меѓутоа, тоа не било секогаш доволно. Блајберг вели дека иконоборците не биле обични вандали.
– Тие не ги уништувале случајно уметничките дела. Судејќи според прецизноста на штетата, имало квалификувани и обучени лица што биле ангажирани за оваа работа. Толку често во фараонскиот период може да се види дека во натписите се напишани само имиња на одредени личности. Тоа значи дека луѓето што ги уништиле биле писмени – вели американскиот египтолог.
Подоцна, со развојот на културните обичаи, Египќаните престанале да чувствуваат страв од старите обредни објекти како што се статуите, па затоа камените скулптури често се сечеле и се користеле за изградба на згради, пренесува „Спутник интернешнал“.