Љупчо Илиевски, фотограф

Македонскиот фотограф Љупчо Илиевски, кого неретко го инспирираат македонската личотија, знаменитите дестинации и природниот трезор, направи селекција од својата богата фотоархива од 45 фотографии што ги вклучи во поставката со наслов „Чекорење низ Северна Македонија“, презентирана во Словачка. Авторската изложба на фотографот е поставена во Градскиот музеј во Лученец, до 29 август.

Што може да види словачката публика на изложбата?
– Словачка има еден извонреден проект, насловен „Одблизу, оддалеку“. Оваа можност се однесува за сите оние што живеат во Словачка, а не се родени во неа. Сосема случајно дојде до реализација на оваа авторска изложба, насловена „Чекорење низ Северна Македонија“. Брачната двојка Данка и Сашо Тодоровски и нивниот пријател Красимир Дамјанов (кој по мајка е од Лазарополе) решиле на Словаците да им ги прикажат убавините на Македонија преку фотографии, македонски специјалитети од доменот на храната, а сето тоа зачинето со македонско вино. Не ми е познато на кој начин дошле до мене, но знам дека по долго убедување (поради здравствени причини) ја прифатив понудата, бидејќи идејата да ја промовирам мојата држава преку фотографии што секогаш се искреирани и поттикнати од Македонија е нешто што го работам целиот живот.

Македонија е ризница на културно и природно наследство. Што ви беше важно да влезе во селекцијата?
– Критериумите се високопрофесионални, но веднаш се наметна проблемот како да се прикажат природните убавини и реткости во толку мал број фотографии. Ми беше важно да ја прикажам повеќеслојната убавина на Македонија. Афинитетите ја формираа траекторијата на движењето или чекорењето низ Македонија. Светли точки има насекаде, но тоа не е доволно, сите тие треба да се негуваат и одржуваат. Лајтмотивот би требало да биде „дојдете, видете и уживајте во миговите, чекорејќи низ Македонија“.

Низ кои предели, дестинации, места нудите „чекорење низ Македонија“?
– Долго време размислував како најлесно визуелно да ѝ се доближам на словачката публика. Прво решив кадрите да бидат пошироки и да бидат лесно перцептивни, да привлечат внимание. Крупните кадри бараат описно објаснување. Затоа ја побарав и ја замолив новинарката Силвана Бркуљан да напише текст што ќе ги информира и објаснува определените партии на фотографиите. На пример, часовник што стои на 5.17 часот на странците не им значи ништо, затоа, пак, тука се Силвана, Данка и Сашо да им раскажат на посетителите за катастрофалниот земјотрес што длабоко е врежан во нашата историја. Фотографиите се групирани по предели. Една група е посветена на Скопје, други на Кокино, Охрид, Преспа, Порече… Да бидам искрен, многу е тешко со 45 фотографии да се претстави Македонија, многу разговори со самиот себе, потоа домино-ефекти, од типот, ако оди оваа фотографија, ќе мора да одат и овие две, или ако не оди таа и таа, нема да одат и други три, и така во недоглед. Уф, тешко и одговорно!

Во какво светло сакавте да ја прикажете Македонија со изложбата?
– Повторно се навраќаме на лични афинитети. Но, сумирано, сè се сведува на тоа дали се можни вакви убавини. Искрено, на убавините им нема крај, од нашите питоми планини со бујна вегетација или двете езера во најстарите пет на земјава до црквите и манастирите што пленат со фрескосликарството и копаничарството. Потоа, следува двојството дали се веродостојни фотографиите. Ако се погоди и некој нашинец да е од тој крај, малку ќе му биде тешко да ја исперципира фотографијата, па се обидува со допир (и со друго сетило) да ја доживее. Чудно но вистинито. Тоа се случувало во Италија, Бугарија, Словенија, Србија, Словачка, Швајцарија, Германија, Дубаи…

Од досегашните искуства, што е она што најмногу ја фасцинира странската публика од нашата земја и националното богатство?
– Секогаш најголемо внимание им посветувам на реакциите на публиката, тие непогрешливо ви го покажуваат патот. А дали е вистинскиот? Отсекогаш сум велел дека кај нас полесно е да се создаде фотографија, отколку таа да види виделина. Сите маки се забораваат откако ќе видите дека една авторска изложба оставила траги. Особено кога посетителите ќе дојдат и ќе се обидат да добијат повеќе информации за вашата држава. Едноставно посакуваат да ја посетат, па потоа бараат контакти и препораки. Сè додека има вакви позитивни критики, што ви даваат елан и патоказ дека сте на вистинскиот пат, тогаш навистина знаете дека сте успеале. Сè додека има вакви критики и реакции од публиката, тогаш има зошто човек да создава и да се бори тоа да излезе на виделина.

Што претставува за вас овој проект и каков ветер во грб ви дава за понатаму?
– Знаете, јас сум од генерацијата што ја помни Чехословачка како една држава, држава што беше на врвот во уметноста. Беше водечка во сликарството, особено во техниката со молив, во графиката, филмската уметност, во монтажата, во камерата, режијата. Исто така беше на врвот во фотографијата. Имајќи го предвид тоа, морам да истакнам дека ваква изложба е голема чест за секој автор. Изложбата не застанува овде. Следна станица е Братислава.