„ЗА ОВЧЕПОЛСКИТЕ РАБОТИ“ (3)
- Овој фељтон се објавува за да се промовира туристичкиот потенцијал на Овчеполието, еден од регионите во Македонија што со векови ги предизвикуваат истражувачите да се запознаваат со скриените тајни од сите можни цивилизациски слоеви на човештвото што се наоѓаат под тлото на Македонија. Во текстовите што следуваат ќе можете да читате извадоци од магистерскиот труд „Управување и маркетинг на туристичкиот потенцијал во Овчеполската Котлина“, одбранет во 2017 година и преобјавен во 2022 година, дополнети со делови од едицијата во подготовка „Зборник за Овче Поле, книга 1-5“ и изданието „Имагинариум – Имагинариумот на Доктор СонЅе“. Во изминатите години посетителите и туристите во Овче Поле најчесто доаѓаат самоорганизирано или со водичи од соседните региони. Од 2017 година досега бројот на луѓе што го посетуваат Овчеполието заради присутните природни ресурси и културно наследство постојано се зголемува, правопропорционално со интересот на медиумите, научниците, инвеститорите и туристичките работници
Се надевам дека со овој фељтон ќе поттикнам развој и разумна употреба на туристичките ресурси, привлекување инвестиции, подобрување на комуникацијата помеѓу официјалните институции, приватниот сектор, граѓанските здруженија и домашното население, подобрување на екологијата, заштита на движните и недвижните наоди, зачувување на пишаните документи, трудови и книги, активна работа за промоција на економскиот потенцијал, со цел конечно да се подобри животниот стандард на населението. Туристичкиот потенцијал на општината Свети Николе и другите општини што зафаќаат делови од Овчеполието заслужува поголемо внимание, грижа, промоција и развој. Добре дојдовте во древното Овче Поле во новото време.
Од „Управување и маркетинг на туристичкиот потенцијал во Овчеполската Котлина“
Овчеполската Котлина, една од најголемите котлини во Република Македонија, располага со доволно културно наследство и природни ресурси за секоја година да привлекува сè повеќе туристи од различни земји од светот. Неистраженоста и малата грижа за природните ресурси и културното наследство во изминатите децении не успеваат да ги попречат љубопитните посетители што сакаат да се запознаат со Овче Поле. Можностите на новото време, напредните технологии и развојот на научната дисциплина маркетинг можат да овозможат развој на туризмот во неколку општини на Република Македонија, кои вклучуваат дел или се граничат со природната Овчеполска Котлина, а со тоа да се развие и целиот туризам, но и да се заштитат значајните ресурси за иднината. Со овој труд за првпат на едно место се собрани потенцијални туристички атракции во Овчеполската Котлина, со што го правам првиот обид за регионализирање на Овчеполието и стратешко поставување на пазарот како туристичка дестинација. Овчеполието е регион што воодушевува со своите природни ресурси и културно наследство. Преку знаењето што го стекнав од научната дисциплина менаџмент, на чија надградба работам постојано, успеав да најдам начин за претставување и прикажување на вредноста на природните ресурси и културното наследство на најсовремениот медиум – интернетот. Соработката со научници од странство и членството во меѓународна научна асоцијација ми овозможија одблиску да се запознаам со начинот на заштита и претставување на вредноста на културното наследство и природните ресурси во други земји, но и да спознаам начини за работа во иднина. Личното искуство од образование, живот и работа на три туристички места во различни земји и во РМ и работата во различни видови на продажби, заедно со стручната надградба, стекната во периодот по завршувањето на високото образование, во последната година на интензивни подготовки за овој постдипломски труд, ми покажаа и докажаа дека регионот во кој живеам ги има сите потребни ресурси за да прерасне во една од најразновидните туристички дестинации. Потенцијалот на Овчеполската Котлина може разумно да се употреби за развој не само на науката туку, преку практичната примена, и на целата економија во Република Македонија. Во овој магистерски труд правам обид за прв практичен модел за алтернативен туризам во Овче Поле, преку најновите спознанија од областа на менаџментот и маркетингот. Економската состојба, нестабилноста на пазарот на земјоделски производи, намалувањето на наталитетот и зголемувањето на иселувањата се предизвици на новиот век заради кои мора да се работи за помирна сегашност и стабилна иднина. Можностите за вклучување различни стопански гранки во туристичката понуда постојат, и со разумен спој на постојните ресурси, дури и раноградинарството, земјоделството, овоштарството и сточарството можат да бидат вклучени во туристичката понуда. Поради тоа што Овчеполската Котлина административно е поделена помеѓу Вардарскиот и Источниот Плански Регион, во овој труд ќе можете да прочитате зошто Овчеполието треба да се потврди како посебна природна и културна област, но и како засебна туристичка дестинација, и на какви начини истото тоа може да се оствари Во овој постдипломски труд ги поврзувам досегашното образование, работно искуство, научни истражувања и моите сознанија за начини и можности за употреба на туристичкиот потенцијал на Овчеполието. Туристичкиот пазар, кој постојано се развива, и научната дисциплина маркетинг можат да придонесат за економски развој и раст.
Во првата глава ги претставувам еволуцијата на туризмот во векот во кој живееме, начинот на управувањето на туризмот во РМ од страна на надлежните институции и туристичкиот потенцијал на Овчеполската Котлина. Втората глава ги претставува маркетингот во 21 век и развојот на научната дисциплина маркетинг, користењето на модерните технологии во маркетингот, маркетингот на туризмот во светот и примери од Република Македонија, новите трендови во маркетингот на туризмот и патувањата. Во истата глава од овој труд објаснувам зошто Овче Поле претставува засебен природен и културен регион, како може да се употреби тоа за економски развој на регионот, а вклучува и скромен обид за маркетинг-микс на туристичката дестинација и СВОТ-анализа на истата таа. Третата глава е просторот за можните идни начини за управување, односно менаџмент со туристичката дестинација Овче Поле, можностите за издржлив туризам во регионот, користењето на маркетингот на новата ера како алатка за развој на туризмот и придобивките на човештвото од имплементирањето на новото знаење. Последната, четврта глава од овој постдипломски труд ја опишува сегашната состојба на туристичките ресурси во Овчеполието, институциите што треба да се вклучат во развој на туризмот, потребните средства и начини и извори на финансирање, иднината и заклучокот на тезата.
Поттикот од работата со меѓународна научна асоцијација во интердисциплинарен научен тим што користи мултидисциплинарни научни методи, спроведените научни истражувања во Овчеполието, добиените резултати и објавените научни трудови, заедно со мојата речиси децениска работа на проучувањето на природните ресурси, културното наследство и економските модели за издржлив раст и развој, ме предизвикаа да употребам сличен научен пристап и во изработката на мојот постдипломски труд во 2017 година. Маркетингот е жива наука, а маркетингот на туризмот е во сооднос со културното наследство на нивоа што, доколку се спознаат, придонесуваат за развој не само на туризмот туку и на целата економија. Преку мултидисциплинарен пристап – користење информации, податоци и факти од различни науки, со употреба на новите можности на маркетингот веќе се создадоа начини за претставување и прикажување на туристичкиот потенцијал. Освен официјалните документи од државните институции на Република Македонија што се одговорни или непосредно поврзани со туризмот, користам и книги и извори од мојата лична библиотека, библиотеката на МСУ и интернет-библиотеки, во кои се содржани значајни податоци за туризмот и маркетингот на 21 век, како и научни модели што можат да бидат применети за употреба на туристичкиот потенцијал на Овчеполието во насока на иден економски развој и раст.
(продолжува)
м-р Никола Ристевски
Авторот е магистер по маркетинг-менаџмент, публицист и продуцент

































