ПО ПРВИТЕ ТУРНИРИ ВО ЕВРОПСКАТА ЛИГА
Македонската машка одбојкарска репрезентација забележа по една победа и пораз на првиот турнир во годинашната Европска лига, а македонската женска репрезентација двапати беше поразена, во првите мечеви на истото натпреварување. Европската лига од годинава е и квалификациска, па најдобрите четири селекции ќе се пласираат на Европското првенство во 2028 година.
Одбојкарите првиот од предвидените три турнири го играа во Струмица, со Холандија (пораз со 0-3 во сетови, 19-25, 21-25, 22-25) и со Луксембург (победа со 3-1 во сетови, 23-25, 25-21, 25-20, 25-13). Капитенот Никола Ѓоргиев со дури 30 поени беше прв поентер на вториот меч. Холандија со 3-0 (25-17, 25-22, 25-16) го совлада и Луксембург. По првиот турнир од 27 селекции, Македонија е на 18. место со три бода (сет-разлика 3-4), Луксембург е 20-ти без бодови (1-6), а Холандија е прва со шест бода (6-0). Црвено-жолтите вториот турнир го играат неделава во Атина, Грција, со Исланд в сабота и со домаќинот в недела.
Одбојкарките во Порто го загубија првиот меч од Унгарија со 0-3 (14-25, 21-25, 11-25), а вториот од Португалија со 0-3 (16-25, 16-25, 11-25). По првиот турнир Македонките се на 23. место од 24 селекции, без бодови (0-6 во сетови), Унгарија е трета со шест бода (6-0), а Португалија 15-та со три бода (3-3). Одбојкарките вториот турнир ќе го играат во Аликанте (Шпанија), прво со домаќинот в петок, а следниот ден и со репрезентацијата на Азербејџан. Г.И.
































