По гребените на Шар Планина и Кораб

Асоцијацијата „Македонска бесконечна трансверзала – Самијана“ ја објави секцијата Z2, наречена „Балкан скајлајн трајл“. Со 202 километри и просечна надморска висина од 2.030 метри, ова е највисоката долга планинарска трансверзала на Балканот и една од највисоките во Европа. Трасата поминува по гребените на Шар Планина и масивот Кораб – два македонски планински колоси што сѐ уште се речиси непознати во меѓународната планинарска заедница.
Од асоцијацијата наведуваат дека таа е дизајнирана со едноставна, бескомпромисна логика – да остане колку е можно повисоко, колку е можно подолго. Дури 65 отсто од трасата е над 2.000 метри. Кораб, со своите 2.764 метри како највисок врв во Македонија, доминира на западниот дел со сурова алпска присутност. Делот низ Кораб е оценет како екстремен и не е препорачлив за планинари без искуство на технички алпски терен. Ова е рута што бара подготовка, искуство и почит кон планината.
– „Балкан скајлајн трајл“ е осма јавно достапна секција на „Самијана“, долгометражна планинарска рута што со своите 2.070 километри во целост ќе ги поврзе речиси сите македонски планини. Проектот го развива и одржува Асоцијацијата на волонтери планинари, кои веќе неколку години ја оформуваат, мапираат и обележуваат трасата. Со објавувањето на оваа секција, Македонија добива уште еден аргумент за да стане сериозна светска планинарска дестинација – информираат од Асоцијацијата.
И додека западното крило сѐ уште се дооформува, источното крило е веќе комплетно завршено и достапно. Седумте секции на источното крило, кои поминуваат низ целиот централен и источен дел на Македонија, веќе привлекуваат странски планинари, кои специјално патуваат во Македонија за да ги изодат. Со објавувањето на Z2, сликата на „Самијана“ како комплетна трансверзала низ целата земја почнува да ја добива својата планирана форма.