ФОТО: ТИРЗ

Инвестицијата на германската компанија „Хајделбергер Друкмашинен“ во технолошко-индустриските развојни зони влегува во напредна фаза, а активностите за нејзина реализација се интензивираат, соопшти Дирекцијата за технолошко-индустриски развојни зони (ТИРЗ), пренесе МИА.

Директорот на ТИРЗ, Гоце Димовски, остварил средба со претставници на компанијата, на која бил разгледан текот на инвестицискиот проект, кој веќе се наоѓа во напредна фаза на реализација. На состанокот се разговарало за можностите за дополнително продлабочување на соработката, динамиката на спроведување на инвестицијата и идните планови на компанијата за проширување на своето присуство во земјава.

Од ТИРЗ информираат дека Димовски нагласил оти инвестицијата има значаен потенцијал за зајакнување на домашната економија и претставува уште една потврда за довербата што германските компании ја имаат во македонската бизнис-клима и развојните перспективи на државата.

Тој истакнал дека ТИРЗ останува посветена на создавање стабилно и предвидливо деловно опкружување, како и на обезбедување целосна поддршка за инвеститорите во сите фази од реализацијата на нивните проекти.

Од „Хајделбергер Друкмашинен“ ја потврдиле својата посветеност за навремено исполнување на сите потребни услови за успешно спроведување на инвестицијата.

Претставникот на компанијата, Лукас Мурингер, посочил дека главен приоритет останува исполнувањето на барањата на клиентите и обезбедувањето континуиран раст на пазарот, при што инвестицијата во ТИРЗ претставува важен чекор кон остварување на тие цели.